If you don't like this, you don't like NBA basketball

Чикаго Булс – за неподносливата леснотија на поразот

Да те победи екипа во која игра ‘будалата’ Џеј Ар, во која игра Шамперт кој не можеше да погоди базен со камен, во која првиот плеј Ирвин игра со една нога к’цканката, а стартерите Кевин Лав и Варежао се дотерани матуранти на клупа...

Сионскиот приориум на нба-магови и играчки волшебници ни приредуваат, особено последниве децении, такви кошаркарски сладовкуства кои феноменот “sports entertainment” го редефинираа до немерливите граници на спортското уживање. За само неколку децении; од непосетена, нискобуџетна и непопуларна лига со голем процент на играчи со drug addicton, раби Штерн создаде планетарен мултимилијардерски спортско–културен феномен и неверојатно возбудлив спактакал наречен – NBA кошарка. Додуша со малку автократија, ама, како вели Жижек: “цврстата рака од рајот излегла”. :) Не за џабе, Комесари има само во СССР и НБА. Нo, не можеш а да не ја сакаш. :)

Туку, остај историја, Комесари, Штерн, Силвер, дрога, организација, и сл. Што по ѓаволите се случи годинава со Чикаго Булс!? Каде, и побитно, зошто изчезна тој НБА плејоф интезитет со кои играа изминативе сезони? Во неколкуте претходно, иако ги губеаа сериите, беа десеткувани со повреди и вонредно играчки лимитирани, она што никогаш не недостасуваше беше, на нашки кажано, “срце на терен”. Овој плејоф, освен повремените дефанзивни изблици на Батлер и Ноа, не видовме скоро ништо од борбеноста, пожртвуваноста и безпоштедноста која ги пленеше симпатиите на ќеифлиите и лебронохејтерите. Се намачија со “децата” на Џејсон Кид, а со Кливленд покажаа таква малодушност, особено последната closing game 6, каде, не само што изгубија нешто што не смеа да се изгуби, туку, по говорот на телото, оддаваа впечаток дека воопшто не им се ни игра. Во сезона во која Дерик Роус е горе-доле здрав, во сезона во која го имаш rising star - от Џими Батлер, во сезона во која е доведен шампионски 7-футер Пау Гасол, во сезона во која имаш солиден бек-ап плеј како Брукс, искусен руки во Миротиќ, зрели Таш и Ноа, константен Данливи и мотивиран Шнел, ако си фан на Булс, мораш едноставно да се прашаш: -  WTF!?

Вообичаено, прво на ум ми доаѓа хипотезата дека Пау Гасол го донесе вирусот на “кошаркарска невеста” од Лос Анџелес. Овде мислам играчко незалагање од типот кога треба тренерот да те мотивира со снимки од брат ти како се рoва во рекет. Меѓутоа, да те победи екипа во која игра ‘будалата’ Џеј Ар, во која игра Шамперт кој не можеше да погоди базен со камен, во која првиот плеј Ирвин игра со една нога к’цканката, а стартерите Кевин Лав и Варежао се дотерани матуранти на клупа, во екипа во која главен играч ти е Мозгов кој не се разликува многу од русинот Ivan Radovadovitch од времето кога Вупи Голберг ги тренираше Њујорк Никс во култниот Eddie од 1996 на Steve Rash, екипа во која има неупотребливи туристи како мргодот Перкинс, Мајк боле ме леџа Милер, Шон фрлам слободно Мерион и др., екипа која ја води тренер на кој никој не му обрнува внимание и не го есапи за жив (сетете се само како Леброн не му го изигра нацртаното на game 4 и како Тарон Лу го влечеше да не побара тајмаут) и екипа во која се е еден човек – Леброн Џејмс, тогаш, мојата претпоставката за кошаркарската невеста е сосема недоволна и невтемелена. Запаленковците за Леброн ќе речат: Кралот е доволен разлог за девастацијата на Чикаго. Искрено да, Леброн игра посветено, ангажирано, одговорно и изненадувачки паметно. Напаѓа на low post со агресивни post up на понискиот дефанцивец. Позиција и офанзивен сет каде има неверојатна предност поради атлетската градба и солидната “леџна” техника. Меѓутоа, таква очајна ротација и такви погубни и ненавремени удвојување со мачна за гледање неприлагоденост на тој единствен ефективен сет на Кливленд, може да значи само едно – кревање на раце од се на Том Тибодо.  

Посветените нба-запаленковци знаат, во front office – от на Чикаго состојбата е повеќе од непомирлива и повеќе од лоша. И тоа подолго време. На релација управа – главен тренер. Ако ги гледаме последните пет сезони, Том е еден од најуспешните тренери, рамнопрестолен со Грег Попович и Ерик Сполстра. Има 255 победи, наспроти 286-те на Поп со кој тој води на листата најдобри во последниве 5 сезони. Не е женет, нема деца и е таков фанатик за кошарка, буквално на рамниште на една спортска лудост. Како поборник на дефанзивната филозофгија на играта и апостол-епигон на Џеф ван Ганди, стекна таква почит во НБА заедницата, по што ретко можете да сретнете некој да каже па макар и благ негативен збор за неговата работа. Па тогаш што се случува? Каков е природата и коренот на нетрпеливоста? Зошто Тибодо крена раце оваа година?

Американските инсајдери го пренесуваат следново. Steve Aschburner, колумнист на nba.com, ги сумираше разлозите за оддалечувањето и непрпеливоста помеѓу Том и управата во следново: тренинг – програмите во кои Том во духот на ‘старата школа’ ги меле прилично скапите играчи на Чикаго, недостаток на елементарна комуникација, концептуални несогласувања околу стилот на игра што треба да се негува и сл. Меѓутоа, медиумите во САД спекулираат и разлози кои се од персонална природа. Имено, Том бил сериозно лут и несреќен поради непродолжувањето на договорот на неговиот асистент Ron Adams во 2013 та. Или пак спекулацијата дека Тибодо, гледајќи како Риверс и Поп се и тренери и ЏиЕм-и (general manager of basketball operation) инсистирал на поголема моќ и улога во донесување на клучните одлуки за франшизата. Вака на прва, и врз основа на нашето кошаркарско македонско искуство, ќе си помислиме некои кметови си играат кошарка. Меѓутоа, претседателот на управниот одбор и сопственик на Чикаго е еден Jerry Reinsdorf на кој му се оддава признание за создавање на династијата во времето Џордан и Фил Џексон. Од друга страна, во реководните тела на Булси не се случајни луѓе. Негов повереник и Executive Vice President е еден Џон Пексон – клучен соиграчот на Мајкл и Скоти од времето на првите три шампионски прстени и признат кошаркарски зналец. Тука е и Скоти Пипен како специјален советник и други.

Каде е пукната тиквата, никој не знае поради дипломатската НБА култура на давање умерени изјави и неисфрлање на валканиот веш во јавноста. Тоа е еден од комуникациските кодекси на кои инсистираше одамна уште Штерн, а денес таа “дипломатија” е дел од корпоративната спортска култура на комуникација во САД. Како и да е, добро е да се знае дека Булси се во фаза на радикални чекори. Том Тибодо има уште две години од договорот (вкупно гарантирани 9 милиони долари), па како баш ќе резултира брако-разводната парница не се знае, но новинарот на ESPN Marc Stein веќе спекулира со имињата на Fred Hoiberg – тренерот на Iowa State University и сегашниот помошник миленик на управата Adrian Griffin. Се спомнува и Alvin Gentry, помошникот на Стив Кер од Вориорси.

Чинам дека Тибодо ја одработи сезонава без страст, осветољубиво и неангажирано со задача да им покаже на началството дека останува на своето. Ако е така, и ако било дотолку непомирливо, тогаш Jerry Reinsdorf и останатите, требаше многу побрго да се решат од него, па макар и изгубиле некое милионче повеќе. Чикаго Булс во колективната меморија на спортољупците е многу повеќе од Тибодо и Пексон.

Продолжува...

Бошко Караџов

18 мај 2015 - 11:59