Борче - Перо 1:1

Бо Мекејлеб му се реваншираше на Перо Антиќ на вториот дуел од плејоф серијата од кошаркарската Евролига. Монтепаски Сиена го совлада Олимпијакос со 81:80.

Капитенот на македонската кошаркарска репрезентација, Перо Антиќ имаше блескав старт на натпреварот и тој ги постигна првите 11 поени за својот тим во првите 5 минути, но потоа тренерот Ивковиќ не го искористи до крај неговиот потенцијал и тој не забележа нови поени.

Како и на првиот натпревар кој му припадна на Олимпијакос, италијанскиот претставник беше во водство во текот на целиот натпревар, а Олимпијакос одигра одлична последна четвртина.

Но овој пат гостите не успеаја да направат целосен пресврт. Во решавачките моменти Мекејлебј го пресече последниот напад на Олимпијакос, му ја украде топката на Принтезис со што го осигура триумфот на Сиена.

Лестер Бо Мекејлеб беше предводник на Монтепаски Сиена со 21 поен за 25 минути игра.

Перо Антиќ одигра 19 минути и реализираше 11 поени, 5 скокови, 2 асистенции и 1 украдена топка.

Четвртфиналната плејоф серија се игра до три добиени и по двата натпревари во Сиена, сега се сели во Атина каде ќе се одиграат два натпревари на 28. и 30. март.