Во јануари оваа година фудбалскиот клуб Работнички се обиде да потпише со поранешниот репрезентативец на Јужна Кореја, Чои Сунг Кук. Овој трансфер можеби ќе останеше незабележан доколку живеевме во минатиот век, но во ерата на интернетот, бргу дознавме дека единствената причина заради која тој сака да игра во Македонија е затоа што никој друг не го сака. Тој има доживотна забрана за играње фудбал во било која лига во Јужна Кореја откако тој самиот призна дека местел натпревари, а по неколку месеци неговата матична федерација не му издаде сертификат, па на овој осуден местач не му беше дозволено да игра ниту во нашата дива прва лига.
Чои Сунг Кук беше најпознатото име кое беше вмешано во големиот скандал со наместени натпревари кој иби во јуни минатата година во Јужна Кореја. Скандалот резултираше со 50 суспендирани фудбалери, затворски казни за 30 фудбалски работници и уште многу парични казни, разрешувања и одземање на титули и поени.
За жал овој скандал зема и четири жртви. Последна жртва е 24-годишниот Ли Кјуанг Хван кој откако беше суспендиран доживотно, се обидел да се приклучи на корејската војска, но откако и тоа не му успеало, тој вчера си го одземал животот.
Во изминатите месеци самоубиства извршија и суспендираните фудбалери Јонг Гвон, Јон Ки Вон, како и тренерот Ли Со Чеол.