Меси повторно фаворит за освојување на Златната топка

ФИФА ја објави листата од 23 номинирани фудбалери за признанието за најдобар фудбалер на светот во 2012-та година, по што и на кладилниците не им требаше многу време да ги објават своите коефициенти според кои Лионел Меси е главен фаворит за освојување на наградата по четврти пат.

Актуелниот освојувач на "Ballon d'Or", Лионел Меси оваа година веќе ги сруши рекордите по бројот на голови во шпанската лига, Лигата на шампиони, голови во сезона, а му недостигаат уште два гола да го сруши рекордот на Пеле за број на голови во календарска година. Веројатно не требаат уште аргументи за да му се додели наградата по четврти пат.

Токму затоа кладилниците сметаат дека тој е главен фаворит за освојување на Златната топка и сите се согласни околу тоа. Коефициентот за него се движи од 1,6 до 1,73.

Кладилниците не се согласни околу вториот фаворит. Некои сметаат дека втор фаворит за признанието е Кристијано Роналдо и за него коефициентот се движи од 2,75 до 5, а некои повеќе шанси му дава на Андрес Иниеста со коефициенти од 4,33.

Зад нив следат Фалкао, Агуеро, Пирло, Нејмар, Чави... а најмали шанси имаат Буфон, Пике и Рамос.

За најдобрите фудбалери ќе гласаат капитените и селекторите на сите репрезентации, а скретен список со три имиња ќе биде објавен кон крајот на ноември. Освојувачот на наградата ќе биде објавен на 7. јануари.

Номинирани фудбалери за „Златна топка 2012“: Серхио Агуеро (Манчестер Сити), Марио Балотели (Манчестер Сити), Карим Бензема (Реал Мадрид), Џиџи Буфoн (Јувентус), Серхио Бускетс (Барселона), Икер Касиљас (Реал Мадрид), Дидие Дрогба (Челзи/Шангај Шенуа), Радамел Фалкао (Атлетико Мадрид), Златан Ибрахимовиќ (Милан/ПСЖ), Андрес Иниеста (Барселона), Лео Меси (Барселона), Мануел Ноер (Баерн Минхен), Нејмар (Сантос), Месут Озил (Реал Мадрид), Жерар Пике (Барселона), Андреа Пирло (Јувентус), Серхио Рамос (Реал Мадрид), Кристијано Роналдо (Реал Мадрид), Вејн Руни (Манчестер Јунајтед), Јаја Туре (Манчестер Сити), Робин ван Перси (Арсенал/Манчестер Јунајтед), Чаби Алонсо (Реал Мадрид), Чави Ернандез (Барселона).

Во исто време ФИФА ги објави имињата на тренерите кои конкурираат во изборот за најдобар тренер на годината. Според кладилниците, најголем фаворит за освојување на ова признание е селекторот на репрезентацијата на Шпанија, Висенте Дел Боске.

Номинирани за најдобар тренер на 2012: Висенте Дел Боске (Шпанија), Роберто Ди Матео (Челси), Алекс Фергусон (Манчестер Јунајтед), Пеп Гвардиола (/), Јуп Хејнкес (Баерн Минхен), Јирген Клоп (Борусија Дортмунд), Јоаким Лев (Германија), Роберто Манчини (Манчестер Сити), Жозе Мурињо (Реал Мадрид), Чезаре Прандели (Италија).

30 октомври 2012 - 09:18