Второпласираниот Манчестер Сити загуби на гостувањето кај Саутемптон, па така уште пред Јунајтед да одигра со Евертон во неделата, беше познато дека разликата помеѓу овие две екипи може да достигне 12 поени. Според луѓето од Paddy Power, оваа разлика е недостижна, па тие им ги исплатија добивките на сите кои вложиле на 20-та титула на Манчестер Јунајтед дури уште пред да го победат Евертон со 2:0.
Вкупната исплатена сума на титулата на Манчестер Јунајтед изнесува 500.000 фунти, а оние кои вложиле на Манчестер Сити како утеха добиле гратис 5 фунти.
Но ова не е прв пат како кладилниците предвремено исплаќаат добивки, а во претходните два наврати тие им носеле малер на Манчестер Јунајтед.
Сопственикот на кладилницата Betfred, Фред Дан кој е голем навивач на Јунајтед, ги исплати „добивките" минатата сезона уште во април, а на крајот во последното коло титулата ја освои градскиот ривал Сити. Претходно, истата кладилница во 1998-та година им исплати на сите кои вложија на Јунајтед кога имаа предност од 12 поени, но на крајот од сезоната титулата ја освои Арсенал.