Капитенот на Лацио, Стефано Маури и поранешниот член на Џенова, Омар Милането се помеѓу 19 осомничени за местење натпревари кои беа уапсени утринава.
Италијанската полиција соопшти дека биле пребарани домовите на фудбалери, тренери и официјални лица на клубови од Серија А, Серија Б и пониски лиги. Помеѓу луѓето кои се под истрага е и тренерот на Јувентус, Антонио Конте чиј дом бил пребаран утринава.
Осомничен е и Доменико Кришито кој во моментов се наоѓа на подготовки со репрезентацијата на Италија за Европското првенство, па полицијата утринава го посетила и нивниот тренинг камп во близината на Фиренца и ја пребарала собата на 25-годишниот дефанзивец.
Денешните апсења се дел од акцијата „Калчоскомесе" во која поранешниот капитен на Аталанта Стефано Дони беше суспендиран на три и пол години, а Џузепе Сињори заработи суспензија од пет години.