За Кристијано Роналдо се зборува кога дава гол. И кога не дава гол. Кога ја промашува целта и кога ја погаѓа. Кога игра Португалија, режијата на мечот го дава често него во кадарот така што противнците ретко се во фокусот. На Европското во моментов има десетина други играчи кои имаат ист или подобар учинок од Роналдо. Да, тој ја влече екипата напред, има одличен пренос на топката и дава голови, но нема никаква поддршка од соиграчите. Фудбалот е тимска игра каде победува системот а не индивидуалецот. Кој може да се сети на некој Португалец а да не е Роналдо? Пепе, Нани и Санчез и тоа е се.
Дали знаете на пример на која позиција игра Жозе Фонте? Или Елисеу? Или Жоао Марио? Ако не знаете, тоа значи дека невнимателно сте го гледале Европското, затоа што овие играчи играа по 90 минути.
Португалија го нема духот на турнирски фудбал
Што се случи кога не можеа да го победат Исланд? Ги пофалија ли Исланѓаните за самопожртвување или се критикуваа себеси за недоволна мотивација? Не, тие почнаа да го навредуваат Исланд и неговиот стил на игра. Прво Кристијано Роналдо одби да смени дрес со Исланѓаните кои му пријдоа, а потоа ги обвини за ограниченост и изјави дека "Тие немаат никаква цел на Европсково".
„Коментарите на Роналдо покажуваат зошто Меси секогаш ќе биде еден чекор пред него" - изјави бекот на Исланд Кари Арнасон. Се чини дека Исланѓаните би ја победиле Португалија и на Европско првенство за тролање.
Португалија е неподносливо досадна
Типично однесување на Португалската репрезентација е вечна симулација и постојани протести кон судиите. Буквално здосадуваат со мафтање кон арбитрите и анти-фудбал.
„Секако дека повеќе сакам да сум грд, но да сум уште на Европското, отколку да сум убав а да си одам дома", изјави селекторот Фернандо Сантош на прашањето зошто се бранат цело време. Сантош е некогашен тренер на некои грчки клубови со кои магистрираше на тема „Убиствено досаден фудбал".
Мечот со Хрватска можеше да биде ефикасен, но заврши 0:0. Мечот против Австрија 0:0 исто збори сам за себе. Единствениот весел дуел го одиграа против Унгарија (3:3), но тоа беше исклучок. На крајот од краиштата оваа досада и не е толку лоша, една Италија игра мошне декадентен фудбал но е почитувана, затоа што играа со страст која што кај Португалија ја има само Пепе.