Капетан Зико го спасува бродот на ФИФА

Поранешниот бразилски фудбалер и тренер вели дека е способен да ја преземе диригентската палка во ФИФА, иако е свесен дека за тоа ќе му треба поддршка од сите Конфедерации. Во меѓувреме ЕП побара Блатер веднаш да си замине.

Претходните денови ја најави својата кандидатура за предстојните избори во ФИФА, а денес Артур Антунес Коимбра или Зико на прес конференција потврди дека сака да го наследи Сеп Блатер.
„Жално е да се видат раководни лица со лисици на рацете и да бидат под истрага. Не сум зборувал со никој, но противник сум на овој систем на гласање преку Конфедерациите, затоа што во таква ситуација може да дојде до замена на услуги. Треба да се избере една личност што ќе работи за доброто на фудбалот“.
Бразилецот знае дека ќе му треба поддршка од сите страни, но повторува дека тој систем за избор на претседател е погрешен.
 
Во меѓувреме европскиот Парламент побара итна смена на Сеп Блатер и вонредни избори кои ќе се одржат на транспарентен начин, како и в.д. претседател. Текстот доставен од Европскиот парламент во Стразбур до ФИФА содржи и јасни насоки дека истрагата мора да биде довршена во целост.
 
Бродот на ФИФА што тоне денес го напушти и Валтер Де Грегорио, кој одлучи да си замине од местото директор на комуникациите за надворешни работи при ФИФА. Де Грегорио важеше за еден од најблиските соработници на Сеп Блатер а во светската фудбалска унија е од 14. септември 2011-та година.

„Валтер работеше напорно и посветено во последните четири години и навистина сме му благодарни за тоа што го направи. Задоволен сум што ќе може да продолжиме по неговите насоки", изјави генералниот секретар на ФИФА, Жером Валке, кој е најобвинуван за мито и корупција во медиумите.

На местото на Валтер Де Грегорио ќе дојде неговиот досегашен заменик, Николас Маињо.

11 јуни 2015 - 16:43