Поради коронавирусот УЕФА реши сите квалификациски рунди да се играат без реванш во нокаут формат.
Жозе Мурињо реши да не ризикува па во Бугарија допатува со полн состав. Му фалеше само Деле Али кој не беше ни на клупа (се шпекулира дека ќе замине од клубот по враќањето на Герет Бејл).
Тотенхем почна силно во Бугарија, имаше целосна иницијатива, 12:2 во шутеви, 6:1 во рамки од голот, 77% посед на топка.
Но поседот не значи и водство. Така Бугарите во 71' минута неочекувано поведоа по еден корнер кога Илиев го сврте летот на топката а на втора статива Георги Минчев го шокираше Лорис.
Осум минути подоцна Тотенхем израмни. Локомотив се бранеше, но по еден корнер голманот слабо реагираше, а домашниот играч Суарез со рака намерно ја извади топката од гол линија и судијата Алмеида му даде црвен картон. Хари Кејн израмни од пенал на 1-1:
Набрзо бугарскиот клуб остана со уште еден играч помалку во поле. Карагерен доби втор жолт картон поради протести кај судијата иако Мурињо после мечот изјави: „Еден од фудбалерите со нога копаше дупка на белата точка и затоа доби втор жолт картон“.
Локомотив издржа само уште 5 минути. Вториот гол беше прав шах-мат, домаќините не ја видоа топката а Ндомбеле ги постави конечните 1:2.
Жозе Мурињо синоќа одбележа убав јубилеј со 100. триумф во еврокуповите. Португалецот има 30 победи со Челси, 24 со Реал, 18 со Манчестер Јунајтед, 16 со Порто, 10 со Интер и 2 со Тотенхем.
Сега ги чека тетовска Шкендија, најверојатно во Скопје. Интересно тренер на Локомотив Пловдив е Бруно Акраповиќ кој претходно неколку сезони ја водеше токму Шкендија.
После натпреварот Мурињо даде изјава за клупскиот канал на Тотенхем и на прашањето за следниот противник Шкендија рече
„Искрено, не знам ништо за нив, ќе ја почнам анализата кога ќе дојде време. Претходно не чекаат натпревари против Саутемптон и Лејтон Ориент. Еден меч секогаш е ризик. Да има два натпревари, па можеш да се опуштиш малку, сега тоа не е случај. Ќе биде опасно и во Македонија“.
Жозе Мурињо веќе гостуваше во Скопје, кога како тренер на Манчестер Јунајтед изгуби во Суперкупот од неговиот поранешен клуб Реал Мадрид.