Жозе Мурињо 5/5

Легендарниот португалски тренер успеа да стигне до финалето на првото издание на новиот турнир на УЕФА, Лига Конференции, и да го освои трофејот. Ова е петта победа на Жозе Мурињо во пет евро финалиња.

Во инаугурациското издание на Лига Конференции, Рома го совлада Феенорд со 1:0 со гол на најголемата ѕвезда во тимот, репрезентативецот на Италија Николо Ѕаниоло во 32’ минута од мечот.

Мурињо стана првиот тренер кој ги освоил сите евротрофеи: Лига на шампиони, Куп на УЕФА/Лига Европа а од сезонава во својата колекција има и Лига Конференции.

Ова беше воедно и прв европски пехар во клупска историја на Рома.

СИТЕ ФИНАЛНИ ТРИУМФИ НА ЖОЗЕ МУРИЊО ВО ЕВРОКУПОВИТЕ:

1. Куп на УЕФА 2002/2003: Порто - Селтик 3:2
2. Лига на шампиони 2003/2004: Порто - Монако 3:0
3. Лига на шампиони 2009/2010: Интер - Баерн Минхен 2:0
4. Лига Европа 2016/2017: Манчестер Јунајтед - Ајакс 2:0
5. Лига Конференции 2021/2022: Рома - Феенорд 1:0

Со Порто Мурињо освои два евро трофеи за две години

Во јануари 2002-ра Жозе седна на клупата на „змејовите“ кои претходно завршија петтопласирани во првенство и испаднаа од Куп на УЕФА. Веќе од следната сезона, Мурињо ја освои шампионската титула во Примеира со 11 бода предност и го освои вредниот трофеј во Куп на УЕФА.

Во финалето против Селтик стрелци на головите беа Дерлеј (2) и Дмитриј Аленичев.

Една година подоцна Порто сензационално стигна и до пехарот во елитната Лига на шампиони. Португалците на патот до трофејот го исфрлија и Манчестер Јунајтед а единствен пораз во целата евро сезона го имаа од Реал Мадрид уште во групна фаза. Во финалето тимот на Мурињо го расканта Монако со убедливи 3:0.

Во Интер - историска триплета

После Португалија Жозе имаше епска авантура во Премиер лига каде правеше шоу но со Челси не освои евро-трофеј. Второто славје во Лига на шампиони му беше со Интер. Нема навивач кој не ја памети таа сезона кога Пандев, Милито, Ето, Станковиќ, Снајдер, Киву и друштвото ја освоија историската тројна круна (скудето, Куп на Италија и Лига на шампиони).

Жозе на Интер му го донесе првиот пехар во Лига на шампиони после цели 38 години а после првпат во историјата на еден италијански клуб и ги освои сите најголеми трофеи. Во финалето на ЛШ против Баерн Минхен прашањето на победник го реши Диего Милито со два гола.

Следниот ден после прославата на победата во финале на Лига на шампиони, Мурињо објави дека наскоро заминува: „Жалам но ова беше мој последен меч како тренер на Интер. Ако не си го тренирал Реал Мадрид, тоа значи дека имаш дупка во кариерата“, рече Мурињо.

НА МАНЧЕСТЕР МУ ЈА ДОНЕСЕ ПРВАТА ЛИГА ЕВРОПА ВО ИСТОРИЈАТА

Во Реал Мадрид и за време на вториот престој во Челси кој му беше многу неуспешен, Жозе немаше никакви евро-успеси. Но затоа му се посреќи да освои три трофеи со Манчестер Јунајтед по заминувањето на сер Алекс Фергусон што не му тргнало никому од рака после Ферги. Еден од трофеите беше и триумфот во Лига Европа - прв за Манчестер Јунајтед во историјата.

Во финалето против Ајакс Погба и Михтарјан беа стрелци на головите.

Овојпат Хенрих Михтарјан повторно беше дел од финале под водство на Мурињо но мораше да излезе од игра рано во првиот дел поради повреда. Но тоа не и сметаше на Рома да го освои првиот евротрофеј во историјата.

„Ако дозволите, би сакал да му пратам порака на мојот пријател, големиот пријател Карлето (Карло Анчелоти од Реал Мадрид). Ајде заедно да победиме во финалињата“, рече Жозе и во свој стил ги пецна Клоп и Ливерпул.

ПОРТУГАЛЕЦОТ ВЕЌЕ Е ВО ЛЕГЕНДАТА

Жозе одново се запиша во историските книги. Ова е негов прв трофеј како тренер уште од 2017-та кога ја освои Лига Европа со Манчестер Јунајтед.

Мурињо има вкупно 26 освоени пехари во кариерата: со Порто прослави 6, со Челси 8, со Интер 5, со Реал и Манчестер Јунајтед по 3.  Жозе Мурињо може да се пофали дека не изгубил ниту едно големо финале освен Суперкупот на УЕФА (во Скопје со Манчестер Јунајтед изгуби од Реал Мадрид).

Португалецот стана само втор тренер во историјата после легендарниот Џовани Трапатони кој исто прослави пет големи европски титули.

Ова е прва голема победа на Рома после далечната 2008-ма кога го освоија Купот на Италија во финале против Интер. Од тој момент поминаа точно 14 години и 1 ден.

26 мај 2022 - 08:47