Жестоки нереди на улиците на Барселона, Ел Класико во втор план

Сигурно приметивте дека почетокот на вториот дел од мечот Барселона - Реал Мадрид се одложи на кратко. Во кадарот од преносот не дадоа како стјуардите ги собираа топките кои летаа на терен од трибините во знак на протест.

Мнозинството од навивачите на „Камп Ноу“ кои се залагаат за независност на Каталонија го одложија стартот на вториот дел откако фрлија стотини фудбалски топки и разни други предмети на терен.

****

Првото овосезонско Ел Класико беше планирано за крајот на октомври според календарот на Ла Лига, но тогаш мечот го одложија затоа што во Барселона распламнаа протести против репресијата и затворањето на девет лидери на движењето за слободна Каталонија.

Во меѓувреме Ла Лига се играше нормално на сите стадиони па и на „Камп Ноу“.

Мечот се одложи за 18 декември, но претходно група каталонски демонстранти соопштија дека ќе го прекинуваат мечот. Тие ги собрале сите гумени куршуми кои полицијата ги стрелала во нив и решиле да ги фрлаат на теренот.

*****

Организатор на акцијата била групата „Демократско цунами“, главен организатор на протестите и демонстрациите кои во октомври го блокираа аеродромот и го одложија Ел Класико.

Имаат повеќе стотици илјади следбеници на социјалните мрежи.

ЛА ЛИГА И КЛУБОВИТЕ ПРЕЖИВЕАА, РЕАЛ И БАРСА ТРГНАА ОД ИСТ ХОТЕЛ

Во случај да се одложеше и вториот предвиден термин за Класико, тоа ќе беше силен удар по имиџот на сите инволвирани страни.

Барселона и Реал, за таа цел, биле сместени во ист хотел Princessa Sofia de Barcelona. Од овој хотел до Камп Ноу има буквално 800 метри. Но полицијата обезбедувала и други делови на градот.

Екипите тргнале кон стадионот една после друго, прво Барселона а потоа Реал (имало дури и план во ист автобус да тргнат за да се избегнат напади).

„За нас тоа е неправедно. Ни кажаа дека од хотелот ќе излеземе заедно. Мислам дека тука не треба никакви објаснувања. Важно е мечот да се одигра. Ние дојдовме да играме фудбал“, изјави Зидан на прес-конференцијата пред мечот.

Мосос де Ескуадра (каталонските безбедносни органи кои се под закрила на шпанската држава) имала 3.000 свои припадници околу стадионот.

Нередите околу стадионот ги започнале дечки од групата Boixos Nois, најпозната навивачка група на Барселона која веќе одамна и официјално е забранета од шпанските власти.

Во 19:45 часот по локално време (на два часа пред почетокот на Класико) избиле нереди. 30-ина членови на Boixos Nois и стотина други кои се залагаат за независна Каталонија имале физички контакт (вториве им викале на другите дека се фашисти и да го напуштат регионот). Се гаѓале со пивски шишиња и лименки.

Барселона барала од бродкастерите и фотографите за време на мечот да не ги снимаат и сликаат навивачките сектори, и помалку да покажуваат кадри од пристигнувањето на автобусот на Реал Мадрид. Ограничувањето се одразило и на мозаичната кореографија која што во целост беше во знакот боите на каталонското знаме.

Навивачите закачиле и големи банери: „Шпанија, седни и разговарај“ и „Слобода“.

Надвор од стадионот уште траеле судири меѓу полицијата и некои демонстранти. Агентите и овојпат биле немилосрдни и тепале се што ќе им се најде на патот како изгредник:

Според информациите на EFE Agency, 21 човек доживеал лесни повреди, а шестмина од нив биле пренесени во болница. Двајца биле уапсени поради фрлање стаклени шишиња кон полицијата.

На крајот од мечот кој заврши мирољубиво 0:0, Реал Мадрид бил задржан неколку часа на „Камп Ноу“ со цел безопасно да го напушти стадионот. Зидан и екипата директно од стадион биле префрлени на аеродром.