Покрај триото на Лисиците, листата од шестмината ја заокружуваат уште и 22-годишниот шпиц на Тотенхем и Англија, Хари Кејн, Месут Озил и Дмитри Паје од Вест Хем. Еден од нив ќе ја добие наградата која и натаму е во сопственост на Еден Азар, играч на годината во Англија за минатата сезона.
Хари Кејн е меѓу главните фаворити по вторпат да ја освои наградата за најдобар млад играч која што ја освои пред 12 месеци. Во конкуренција за ова признание се уште и Деле Али од Тотенхем, дуото на Евертон Ромелу Лукаку и Рос Баркли, Џек Батланд од Стоук и Филипе Кутињо од Ливерпул.
Што се однесува до женската Премиер лига, таму Јужнокорејката Џи Сон-Јун која игра за Челси е најблизу повторно да ја освои наградата од лани, а ривалки ѝ се соиграчките од Челси Хедвиг Линдал и Гема Дејвисон, Изи Кристијансен од Сити, Бет Мед од Сандерленд (која е кандидат за најдобра млада фудбалерка во Премиер), Никита Парис и Кеира Волш и Даниела Картер од Арсенал.
Победникот во секоја категорија ќе биде објавен на 24. април, а силното присуство на фудбалери на Лестер на листата е само одраз на нивната неверојатна сезона во која веќе обезбедија директно место во Лигата на шампионите.
На листата најдобри стрелци во Премиер води Хари Кејн со 22 гола пред Варди со 21 и Агуеро со 18. Риад Марез игра неверојатна сезона во која досега има 16 голови и 11 асистенции, а Канте’ се смета за најдобриот дефанзивен играч од средниот ред во Премиер.
Прва сезона во Англија како Канте’ игра и Дмитри Паје, архитектот на успехот на Вест Хем. 27-годишниот Озил има неверојатни 18 асистенции за Арсенал и поради тоа е во изборот за најдобар играч. Осум пати во претходните 11 сезони играч на годината доаѓаше од Челси, Манчестер Јунајтед или Ливерпул.