„Батистута даде 11 голови по ред додека му бев тренер во Фиорентина и тоа е најдобрата серија на играч кој сум го тренирал. Варди може и повеќе од тоа. Просто е неверојатно дека го споменувам него во темава, со оглед на тоа што пред четири години играше за аматерски клуб“, изјави Клаудио Раниери кој со Лестер викендов стана лидер во Премиер лигата на бод повеќе од Манчестер Јунајтед и два пред Манчестер Сити и Арсенал.
Агуеро има 7 гола сезонава во Премиер лигата, Алексис Санчез 6, Диего Коста 3, Руни 2. Сите овие играчи се во сенка на херојот на Лестер кој е прв стрелец со 13 погодоци. Тој ги живее највозбудливите моменти од кариерата, а неговиот развој на кариерата заслужува внимание.
Варди не е мултимилионско засилување на островот како Фалкао или Ди Марија, туку дете кое работело во фабрика, а истовремено за 30 фунти неделно играло фудбал за аматерски клуб.
Следниот негов прогрес биле трансферите во петтолигашите Халифакс и Флитвуд каде играл по една сезона, а пресвртницата во кариерата му се случува на 12 мај 2012 година кога стави потпис во Лестер за милион фунти, рекорден трансфер на екипа која не е меѓу првите четири лиги на островот.
Овие пари тој целосно ги оправда, бидејќи во неговата втора сезона постигна 16 голови, а Лестер како првопласиран на табелата обезбеди пласман во најелитното фудбалско друштво во Англија.
Ако минатата сезона се сеќавате на пресвртот на Лестер кој губеше од Манчестер Јунајтед со 3:1, а потоа победи со 5:3, тогаш сигурно ќе ви текне на јунакот Варди кој беше прогласен за играч на мечот. Тој постигна еден гол и ги намести сите други.
Лестер лани заврши на 14-та позиција, а оваа сезона прави чуда и има 8 победи, 4 нерешени и само еден пораз, како и двојно повеќе бодови од Челси. Импресивниот старт на Лестер почна на 4 април и од тогаш до сега има освоено 50 бода, рекорд за една екипа од Премиер лигата.
„Во мојата кариера, знам само уште еден играч кој успеа на таков начин. Тоа беше Морено Торичели кој од аматерскиот клуб Каратезе стигна до Јувентус и освои Скудето“, изјави Раниери
На 7 јуни годинава, Верди доби шанса и во репрезентацијата на Англија и влезе како замена за Вејн Руни на пријателската против Ирска. Доколку на следните два меча постигне гол, тој ќе го стигне Џими Дан кој го држи рекордот од 12 гола на 12 меча, поставен за Шефилд Јунајтед во 1931 година.
По триумфот над Њукасл на гости, Варди и Раниери заедно со цела екипа имаа коктел во соблекувалната.
Италијанскиот стратег знае како се билда атмосферата во тимот. По триумфот над Кристал Палас пред неколку кола играчите ги однесе на пица.