Занимливиот пат на врвниот стрелец и прв црномурен стрелец во 123 годишна историја на Билбао

Ињаки Вилијамс (27) е неверојатно интересен фудбалер, лидер на Атлетик Билбао, клубот симбол на Баскија. Не само што одигра 203 меча по ред без да пропушти ниеден, не само што се изнадава голови за екипата, туку раскажа и фасцинантна сторија за патот на неговите родители до Шпанија.

Приказна која дефинитивно заслужува филм.

„Еднаш бевме дома во Билбао и гледавме телевизија кога нешто, некој влезе, не можам да се сетам точно што и јас прашав пак. Таа се сврте и рече: „Ок. Сега дојде моментот да ви кажам. Седнете, мислам дека сте спремни да ја слушнете приказната за мене и татко ви. Кога ми раскажа, се смрзнав. Да слушнеш такво нешто те фрла во длабоко размислување. Вау! Како на филм и моите да биле во него“, ја почнува својата приказна Ињаки Вилијамс за Гардијан.

Тогаш имал 20 години, веќе првотимец на Атлетик Билбао.

Во меѓувреме долго го прашувале новинари и репортери да им раскаже за неговото потекло, за неговите родители, за тоа од каде точно доаѓаат, но тој не знаел многу нешта, па некогаш и самиот се обидувал да открие. „Ме копкаше од внатре“, вели Ињаки. Се додека Марија не му раскажала.

Тој дознал од мајка му дека тие ја напуштиле сиромашната Гана во Африка и ја поминале Сахара без храна и вода, му раскажала дека некои не успеале и како и они за малку немале да успеат.

Од Гана до Мелила, шпанска енклава во северна Африка кај Мароко.

Минатиот петок вечерта Ињаки Вилијамс го одигра 203-от меч по ред за Билбао, постигна рекорд како единствен кој не пропуштил ниту еден натпревар на 203 последователни.

 

„Кога ја слушнав приказната на моите, уште повеќе како да сакаш да се бориш посилно за да им вратиш за се што жртвувале за нас. Не можам дури ни да им вратам, ги ризикувале животите, а јас се обидувам да им го пружам животот кои сонувале да ни го овозможат нас. И на некој начин можам да кажам „успеавме“.

„Ќе гледаш вести и глеаш бродови како пристигнуваат од Африка, луѓе се качуваат по ридови (кон границата Мелила) и сфаќам дека јас сум немал појма како сме дошле во Шпанија. Тоа е нешто што секогаш сум ја прашувал мајка ми но таа избегнуваша зошто бев само дете. И можеби помислила дека ако ми каже кога почнував во Атлетико на 18 години, дека тоа ќе беше голем товар на мој грб. Знаев дека мојот живот беше поразличен од тој на другарите и можев да замислам, ама кога ќе слушнеш детали...“, вели расниот голгетер на Атлетик Билбао.

„Детали како: ја поминале пустината пешки. Знаев дека татко ми има проблеми со ѓоновите на нозете, ама не дека тоа му е од што одел пешки преку песокот на Сахара на 40, 50 степени.

Се возеле и во камионче, едно од оние отворените, со 40 луѓе пикнати во него, па после оделе пешки со денови.

Луѓе паѓале, напуштале во текот на патот, некои ги закопувале починати. Опасно е, има крадци што чекаат, убијци, силиувачи, страдање. Некои се пикнати намерно внатре. Шверцерите со луѓе земаат пари и на пола ти викаат: „Патот завршува тука“. Те отфрлаат, те оставаат без ништо, без вода, без храна. Деца, стари луѓе, жени. Луѓе што не знаат што ги чека, дали ќе успеат. Мајка ми вика: „Да знаев како е, ќе останев“. Таа била трудна со мене, ама не знаела уште“.

„После стигнале до Мелила, го искачиле ридот но граничната полиција ги уапсила. Немале никакви документи и дошле како мигранти, така што те враќаат назад во тој случај. Кога биле во затвор, некој адвокат од Католичката организација Каритас кој зборувал англиски им рекол: „Единствено нешто што може да пробате е да им кажете дека доаѓате од земја која што е во војна“. Ги фрлиле нивните документи од Гана и рекле дека се од Либерија за да аплицираат за политички азил. Благодарение на него, сме стигнале во Билбао“.

 Ињаки се родил во Билбао. „Судбина“, вели за Гардијан.

Како роден во овој град, му се отвориле вратите на Атлетик, клуб кој строго се држи до традицијата за екипата да играат само Баски, играчи родени во Баскија.

„Замисли, неверојатно!“, си викавме со другарите за тоа. Ама се се случува со причина. Да не бев роден во Билбао немаше никогаш да играм за Атлетик. Моите поминале преку пустина и стигнале до Земјата на Баските. Тоа не звучи како шанса“.

Марија и Феликс Вилијамс се доселиле во Памплона, на 150 километри југо-источно од Билао, се сместиле во една зграда во сиромашен кварт каде живееле многу раси кои се снаоѓале како знаат и умеат.

Таму го сретнале Ињаки Мардонес од каде бисерот на Атлетик Билбао го добил своето име. Тој бил свештеник кој му станал кум и нивен заштитник. Облека им доаѓала од црквата. Немале многу, но ѕвездата на Атлетик Билбао вели: „Имав храна, нешто да облечам, и во споредба со многу многу други луѓе, бев богат. Приказната на моите ми го кажа тоа“.

Татко му работел како овчар, или чистел зграда или што било што ќе најдел пред да тргне сам за Лондон.

„Работел во шопинг центар близу Челси (населба во Лондон), чистел излози во сендвичари или како обезбедување, бил редар за карти на Стемфорд Бриџ. Работи кои никој не ги сакал“.

Ињаки тогаш имал 10 или 11 години. Неговиот брат Нико имал 2 или 3 години. Татко им Феликс веќе 10 години бил заминат. Марија во тоа време работела по две, три работи кога имало каде, па Ињаки му станал како татко на малиот Нико.

Ињаки од мал почнал да игра фудбал. Памти како дете некое другарче кое се викало Чаби и го викало да играат на улица. Во еден момент Ињаки дури и станал судија на локалните аматерски натпревари па добивал по 10 евра омеч што многу му значело.

На мајка му и ветил дека ќе стане професионален фудбалер и на 18 години доаѓа во школата на Атлетик Билбао.

Во декември 2014-та дебитира за главниот клуб на Баскиските земји.

„Знаев дека ако успеам ќе можам да направам многу нешта. Не беше само деби како деби, туку нешто повеќе. Значеше дека ќе го вратам татко ми од Лондон, ќе ја соберам фамилијата заедно после 10 години, брат ми ќе има татко со кој да расте, стабилност, семејство кое очајно го сакавме. Сонував да бидам фудбалер но исто и да ја соберам фамилијата“.

Ињаки Вилијамс е само вториот црномурен фудбалер кој играл за Атлетик Билбао во 123 годишна историја. Пред него тоа беше Јонас Рамаљо. Ињаки е и единствениот црномурен фудбалер кој дал гол за Атлетик, но се надева дека не уште долго: Нико, осум години помладиот брат, му се приклучи во првиот тим.

Неколку пати Ињаки имаше проблем со расистички испади од трибините во Шпанија, но екипата секогаш застана до него и соопштија дека ќе го напуштат теренот секаде и секогаш кога некој расистички ќе го вреѓа нивниот брат Ињаки.

„Луѓето сочувствуваат со мојата приказна, се идентификуаат со пожртвуваноста. Моето доаѓање отвори погледи. Атлетик ми направи многу добра и се надевам дека и јас му направив добро на Атлетик. Фудбалерите често не зборуваат, но тоа е добро за средината. Ако имаш моќ да влијаеш на луѓето, треба да збориш. Расизмот е флека, болест која треба да се избрише. Ако не се збори за дискриминација, тогаш таа ќе постои, ќе биде често допуштена.

Општеството се менува: поотворено е, има повеќе миграција, повеќе различности. Кога јас дојдов, имаше многу малку црни деца, сега има повеќе во младинската школа. Различноста, движењето ни го донесоа тоа и ќе ги гледаме во репрезентација. Англија и Франција имаат многу црни играчи. Адама е тука (Траоре за Шпанија), се менуваат работите. Ќе бидеме понавикнати да гледаме различни лица во иста репрезентација“, додава Ињаки.

Тој има само еден настап за Шпанија и тоа пријателска против Босна и Херцеговина во 2016-та. И натаму сака да игра за Шпанија. Ја одбил Гана.

„Благодарен сум таму каде што израснав и каде што станав тоа што сум. Гана проба да ме убеди, ама јас сум роден во Шпанија, во Билбао. Нема да ги заборавам семејните корени, ама се чувствувам Баскиец и не можам да лажам никого. Би ми било добро со Гана, сигурен сум, но не би требало да сум тука“.

„Кога мајка ми е лута, вика по нас на гански јазик ама ние зборуваме шпански. Кога моите дошле, знаеле англиски но сега веќе се изгуби тоа. Јас можам да зборам англиски ама не е баш чист. Кога моите баба и дедо се јавуваат, со зборувам на јазик Тви. Ја сакам и ценам Гана, културата, храната, традицијата. Моите се од Акра и уживам кога одам таму. Но не сум роден ни пораснат таму, мојата култура е тука и има играчи на кои настап за Гана би им значел повеќе. Мислам дека не би било во ред да земам место на некого кој заслужува и ја чувстува Гана 100%“, искрен е Ињаки Вилијамс.

Тој беше стрелец на еден од најважните голови во историјата на Атлетик Билбао, во шпанскиот Супер Куп за победа и само втор пехар за клубот во претходните 35 години.

Тој е право чудо од играч зошто одиграл 203 меча по ред за Атлетик. Последен пат не играл на 17 април 2016-та кога неговиот соиграч Јури Берчиче му го повредил зглобот на тренинг.

Од тогаш, во пет ипол години се сменија Ернесто Валверде, Куко Зиганда, Тото Берицо, Гаизка Гаритано и Марселињо Гарсија Торал, но Вилијамс никогаш не отсустувал поради повреда или суспензија. Тој и официјално важи за најбрзиот играч во Шпанија.

„Докторите и физиотерапевтите викаат дека е неверојатно, невозможно е да има случај како мојот, особоено да се игра фудбал со толку голем напор секои три дена. Им благодарам на моите родители за гените. Не знам што е ама има нешто во мене. Секако, би лажел ако би рекол дека не чвуствувам болка или удари. Сум играл со лекарства, со инјекции, тогаш кога им требаш на тренерот и тимот. А имав две сезони во кои во последните кола влегував со по четири жолти картони, па „леле, ако добијам петти, ете ти суспензија“. Ама не се бунев многу и не удирав никого“, се смее Ињаки во разговор со новинарот на Гардијан, Сид Лав.

Стадионот на Атлетик е во населбата Лезама каде живее Ињаки. Под сводовите на овој стадион се бистите на легендарните Пиру Гаинза и Телмо Зара. Има една и од култниот стрелец Пичичи по кого е наречена наградата за најдобар стрелец во шпанска Ла Лига.

Ваков клуб со традиција нема на многу места по светот. Затоа да се испише историја и да се постават рекорди за Атлетик Билбао е навистина големо нешто.

„Се вика hostia, проклето неверојатно! Јас и моите соиграчи сонувавме да бидеме дел од Атлетик. Јас живеев за тој сон. Толку многу луѓе би дале се што имаат за да бидат каде што сме ние. Атлетик е фамилија, обединетост. Заедно сме посилни. Неверојатно е каде играм. Неверојатно е што можам да кажам на мајка ми и татко ми: „Успеавме!“, за се што направија за нас, за да стигнам да играм за клубот, да го носам овој дрес и за луѓето да бидат горди што сум дел од историјата на Атлетик.

Скоро и брат му Нико дебитираше за првиот тим на Атлетик Билбао. Важи за многу талентиран фудбалер а Ињаки вели дека ако некој му го урне рекордот по бројот на настапи по ред за баскискиот тим, би сакал тоа да биде токму брат му. 

7 октомври 2021 - 14:03