
Натпреварот наречен КОНМЕБОЛ - УЕФА Куп на шампиони вечерва ќе се игра за првпат под тоа име, инаку има историска претходница.
Историјата на дуели меѓу победникот на Европско првенство и шампиони од други континенти датира уште од 1985-та кога Франција и Уругвај одиграле за трофејот во Купот Артемио Франки на „Парк на принцовите“ во Париз.
Како победници на Евро 1984 и освојувачи на Копа Америка 1983 Франција и Уругвај излегле на терен во најсилни состави, меѓу кои биле и Енцо Франческоли и Мишел Платини.
На голема радост на домашната публика триколорите победиле 2-0 со головите на Рошету и Туре.
Но интересот за овој натпревар не бил на нивото. На стадионот кој собира 50.000 гледачи едвај се собрале 20.000 луѓе да ги гледаат најдобрите репрезентации на Европа и Јужна Америка.
За споредба претходно мечот од Куп на УЕФА меѓу ПСЖ и белгиски Ватерсхеј на „Паркот на принцовите“ го гледале 49.500 гледачи.
Четири години подоцна интересот за овој натпревар бил уште послаб, ентузијазмот избледен па така Холандија како европски првак и Уругвај како шампион на Копа Америка едвај не можеле да најдат време и датум за натпреварот.
Во 1993-та година Данска и Аргентина го одиграле мечот од Купот Артемио Франки пред 35.000 гледачи во Мар дел Плата (Аргентина). Гаучосите биле во еден од најсилните состави во историјата: Со Диего Марадона како капитен, Диего Симеоне, Батистута, Леонардо Родригез, Каниџа, Манкусо и др.
Но Данците успеале да оддолеат, натпреварот во регуларно време завршил 1:1, се играле продолженија, немало погодоци па на пенали Аргентина победила (Каниџа промашил пенал за гаучосите, а Вилфорт и Голдбек кај Данска).
Во следната 1994-та Диего Марадона го следеше големиот допинг-скандал поради што беше суспендиран откако паднал на кокаин.
Во 1992-ра година во Саудиска Арабија под покровителство на Кралското семејство се играл „Куп на Кралот Фахд“ на кој учествувале најдобрите репрезентации од неколку конфедерации. Така Данска во 1995-та и се одмаздила на Аргентина со 2:0 пред 35.000 арапски гледачи.
Веќе во 1997-ма ФИФА го организираше Куп на Конфедерации за кој исто немаше голем интерес и траеше до 2017-та а домаќин беше организатор на следногодишното Светско првенство.
Декември 2021-ва беше месец кога УЕФА и јужноамерикански КОНМЕБОЛ потпишале меморандум за соработка и за организација на заеднички меч меѓу победникот на Европско и Копа Америка.
Интересно дуелот меѓу Аргентина и Италија ќе се игра на „Вембли“ а се очекува да играат најголемите ѕвезди на двете шампионски селекции. Тоа ќе биде воедно и последен натпревар за Џорџо Кјелини во дресот на Италија, откако реши летово да оди во репрезентативна пауза. Кјелини во меѓувреме потпишал договор со клубот ЛА Галакси во САД.