За последното ЕП 2000 на Србија која настапи под името Југославија заедно со Црна Гора.
Не бев повреден, туку се откажав. Тогаш играв за Рапид Виена и кога игравме против Галатасарај сфатив дека треба да ја завршам репрезентативната кариера. Последен меч ми беше против Македонија.
До каде може да стигне Србија на ЕП 2024?
Зборував со Пикси и ситуацијата не му е сјајна. Пак му е лош распоредот како во Катар. На старт игра против Англија која можеби по некои индивидуални квалитети не е најсилна во Европа, нема играчи како што е Мбапе, но го имаат Белингем кој игра во Реал и други играчи кои играат во топ лиги. И така може повторно да се истрошат како против Бразил на СП 2022. Прашање е колку може да се подигнеш на другите два меча.
За антологискиот квалификациски меч против Хрватска 1999.
На мечот во Загреб не сум видел во живот толку обезбедување. Откако слетавме имаше на секои 100 метри по еден војник со калашников. Па пред хотел, па внатре во хотел. Мислам дека ниту една друга репрезентација немала такво обезбедување какво што имавме ние тогаш. Се спремаа за голема фешта, ама ние им ја расипавме. Миха, Пеѓа...јас бев резерва и одиграв некои 20 минути. Се сеќавам на атмосферата. Излезе Северина, цел стадион пееше, а немав појма која е жената. Тоа беше последен меч на Туѓман кој мислам дека почина брзо после тоа.
За прочуеното „Пургеру“ на тој меч.
Мислев дека сте го заборавиле тој детал. Тоа се случи откако еден човек ја искористи мојата верба во него. Беше кај мене во Виена, во Подгорица и можеше да го исече тој дел. Му средував за други соговорници, го нагостив. Добро му го паметам името, ама нема да го споменам. Дојде тогаш во Загреб, ама никој не сакаше да му даде интервју, па дојде кај мене. И додека го правевме интервјуто, еден мал човек, висок 1.50, 1.60, облечен во дрес од Хрватска и кожна јакна, почна да ме пцуе и на крај кога ми рече „убиец“ му се свртев и му го кажав тоа на кое не сум горд. После тоа го прашав новинарот дали ќе може да го исече тој дел, а тој рече се разбира дека може. Ми прати касета од интервјуто, го пуштив да го гледам и мислев дека ќе се онесвестев. Ми се јави после седум дена и можете да замислите што сè му реков на него.
За смртта на Синиша Михајловиќ.
Миха? Тоа е фудбалска животна трагедија. Јас се надевав дека ќе се излечи, особено кога видов дека му расте брада. Многу добро го познавав, бидејќи игравме во Ѕвезда и во репрезентација. Поминавме многу тешки натпревари, но повеќе радости отколку порази, а се дружевме доста и надвор од терен. За него можам да кажам дека е најхуман човек од наша генерација. Парите ги гледаше само како хартија. Срце ме боли за него.