Бразилските фавели не се убаво место за живеење. Таму има многу сиромаштија, криминал и дрога. Тоа се места од каде потекнуваат дел од најдобрите фудбалери во светот како Роналдо, Ромарио и Зико.
Но ако имаш голем талент за фудбал имаш два избори: Да останеш таму, да играш фудбал на улица и да продаваш дрога или да избегаш и да го искористиш потенцијалот на друго место. Адриано на почеток постапи правилно, но потоа се врати онаму каде што се роди, во дувлото на криминалот.
ПРОФЕСИОНАЛНОТО ДЕБИ
Адриано ја почна младинската кариера релативно доцна на 15 години, кога потпиша за Фламенго во 1997-ма (Нејмар почна на 11). Му требаа три години за да дебитира, а потоа брзо се наметна во првиот тим. Таму не остави некој силен впечаток, па по една сезона и пол потпиша за Интер кој го прати на позајмица во Фиорентина.
По половина сезона следуваше трансфер во Парма каде конечно блесна. Се работеше за висок и многу снажен играч со силна левица и во таа прва сезона својот потенцијал го покажа со 17 првенствени голови. Морати не чекаше долго и на Млекарите им исплати околу 23 милиони евра, што за тоа време не беа малку пари.
Врвот во неговата кариера може да се каже дека беа 2004-та и 2005-та кога освои Копа Америка како најдобар стрелец за Бразил, потоа Куп на Конфедерации исто така како прв стрелец, трофеи со Интер под водство на Манчини, како и 28 голови.
По само две години, сè отиде во неповрат. Некои сметаат дека главната причина поради неговиот драстичен пад и однос кон фудбалот е смртта на неговиот татко по што пател од депресија. Без татко остана и Роналдо, но потоа стана посилен.
ПАДОТ ВО ИГРАТА
Дека повеќе не е истиот Адриано се виде во 2006-та кога постигна 10 голови помалку за Интер, а одигра и разочарувачко Светско првенство во Германија. Следната сезона почна да качува килажа и повеќе да оди по дискотеки отколку на тренинг.
Интер на кратко ги испрати на позајмица во Сао Паоло, каде на моменти потсетуваше на старите денови, но кога се врати во Милано, стара песна.
За три сезони постигна само 14 голови, што е доволен доказ дека не е повеќе доволно добар за Интер, особено не кај Жозе Мурињо кој ги прати во Фламенго.
КАМ БЕКОТ НА АПЕНИНИТЕ
Адриано во Фламенго се препороди и во првата сезона заби 19 погодоци со кои му помогна на клубот да ја освои титулата. На крајот на сезонава следуваше ново враќање во Италија, но овој пат во Рим каде го облече дресот на Рома.
Тоа беше само мачење и за него и за клубот. Адриано повеќе не го биваше. Седум месеци – осум настапи, нула голови.
Од тогаш собра вкупно 12 настапи за три клубови, Коринтијас, Атлетико Параненсе и Мајами Јунајтед. Во просек имаше по два настапи годишно, смешна и патетична статистика за некој кој професионално се занимава со фудбал.
Мајами Јунајтед е неговиот последен клуб во кариерата кој е дел од четвртата лига во САД. За него нема ниту еден настап, а веројатно нема ниту да има.
ЛОШ СОН
Неговото повлекување од фудбалот немаше официјална потврда, а според последните извештаи кои излегоа од него минатата година, тој е вратен во бразилските фавели во доста сомнително друштво.
Во секој случај, Адриано кој денеска полни 35 години имаше пад од епски размери. Од голема ѕвезда во Серија А, стана напаѓач во американската четврта лига од каде исчезна мистериозно. Последниот гол го постигна пред пет години за Коринтијас кога збесна од радост.
Со оглед на проблемите со кои се соочувал, за што потврдува и Занети, можеби му беше потребна стручна помош од каде ќе добиеше совети како понатаму во животот и кариерата. Вака впечатокот за неговата кариера останува горчлив и му заврши како еден лош сон.
Ова е негово вчерашно видео на Инстаграм