Вратен златниот медал на тренерот на Милан, крадците паднале на Инстаграм

Италијанската полиција експресно му го врати златниот медал на тренерот на Милан Стефано Пиоли за освоеното скудето, а кој му беше украден во големата инвазија на терен од навивачите на росонерите.

Фудбалерите на Милан со 0:3 убедливо го совладаа Сасуоло на гости во неделата вечер и ја освоија првата шампионска титула од 2011-та година. После последната судиска свирка, десетина илјади навивачи на Милан истрчаа на теренот за да прослават титула со играчите.

Во целиот тој хаос тренерот на Милан, можеби најзаслужен за скудетото, остана без медал. Пиоли после прославата замоли да му се врати златниот медал затоа што „е единствен којшто го има во кариерата“.

Полициски службеници од Реџо Емилија, реонот каде игра Сасуоло, експресно ги пронашле крадците. Наводно, навивач на својот Инстаграм профил објавил фотографија со медалот и натпис: „Фала Пиоли“ (Grazie Pioli).

Тренерот на Милан во меѓувеме на внатрешната страна од раката го истетовирал бројот 19 кој ја означува 19 шампионска титула на трофејниот Милан.

26 мај 2022 - 11:53