Во Свонси новиот тренер го запознале на Гугл

Италијанскиот тренер Франческо Гвидолин е познат во татковината, но не и во премиерлигашот Свонси каде неговата биографија ја читале на Гугл.

Успесите на Клаудио Раниери со Лестер повторно широко ја отворија вратата на италијанските стратези на островот. Свонси се реши за нов тренер да го назначи ветеранот Франческо Гвидолин.
 
И покрај тоа што во кариерата со помал или поголем успех ги водеше Удинезе, Монако, Парма, Аталанта, Болоња и Џенова, Гвидолин во Премиер лигата е само нов Италијанец. Од таа причина, бекот на клубот од Велс, Ешли Вилијамс отворено признал дека навистина никогаш во животот не слушнал за Гвидолин.
„Да ме прашате сега, знам сè за него, затоа што гуглав во неделата вечер. Сигурен сум дека и другите играчи го сторија истото, затоа што зборувавме на таа тема. Како и да е, тоа не е важно. Неговата биографија не е пресудна. Ни кажаа дека ќе биде нов тренер, да го слушаме и да дадеме сè од себе. На нас е така да работиме и да му помогнеме што побрзо да се прилагоди. Претседателот е тој што одлучува за тренерот, а на нас е да се адаптираме“, изјави искрено Вилијамс.
Тоа што дефанзивецот не знаел кој е новиот тренер, на Гвидолин сигурно нема да му падне тешко, затоа што во понеделникот Вилијамс го постигна единствениот гол вреден три бода против Вотфорд и сезонава е еден од водечките играчки на Свонси. Италијанецот, кој го следеше мечот од трибините изјави дека во еден момент сакал да го води Вотфорд, поради блискоста со семејството Поцо кое управува и со Удинезе.