Во Канада шампионот се одлучи на јак снег, резерви гледале од соблекувални

Не толку следена лига, речиси полу-професионална, ама финалето кое се одиграло таму ќе се раскажува уште долго. И покрај сите напори натпреварот да се одложи некако поради обилни снегови, фудбалерите стиснале заби и изгирале врвен натпревар на кој паднал и гол со ножички.

Ако фудбалот во Северна Америка навистина реши да се префрли на европскиот фудбалски календар, како што предлага МЛС лигата од САД, тогаш тамошните навивачи, играчи, тренери и сите останати ќе мора да се навикнат на ноќи како синоќешната.

Канадската Премиер лига синоќа го доби шампионот - екипата на Атлетико Отава, која е инаку клуб-филијала на големиот и славен Атлетико Мадрид.

Натпреварот меѓу Атлетико Отава и Калвари се играл на силен снег поради што целиот терен бил обелен, па судиите, играчите и редарите неколку пати го чистеле со лопати.

Овој незаборавен меч на арената „ТД Плејс“ во Отава не можел да се одложи затоа што поради репрезентативната пауза која следи и тамошните Куп на Северната Ѕвезда и Конкакаф Куп на шампиони, немало место во календарот. Само што почнал дуелот, на секои 15 минути се чистел снег за да се гледаат линиите од теренот.

Некои од фудбалерите синоќа за првпат во својот живот виделе снег, како на пример бекот Емануел Ембојо Анге и Абубакар Сисоко кои се од Западна Африка. Други пак, како Хуан Кастро, Кевин Ортега и Антонио Алварез кои се од Мексико снег гледале само од огромни далечини на планински врвови, никогаш во градовите.

 

Гостите први повеле од пенал во 33' минута преку бекот Фрејзер Аирд. Интересно, како и секаде кога играат два ривалски тима на снег, додека гостинските фудбалери го прославувале голот, добиле порција топки снег од трибините од домашните навивачи.

Само седум минути подоцна, во 40' минута Мексиканецот Давид Родригез постигнал прекрасен гол со ножички за израмнување. Прославил така што рипнал во снегот.

Интересно резервите на домашниот тим во првиот дел останале во соблекувалните, за да избегнат премрзнување. Гостинскиот тренер Томи Вилдон и неговите помошници се побуниле на ова со образложение „како за нас така и за вас“, па Ателтико Отава ги изнел резервите на клупа.

По 90 минути фудбал немало победник, резултатот бил 1-1 па се преминало во продолженија а таму јунакот на Атлетико Отава Давид Родригез го постигнал и вториот гол за победа од 2-1 и прва шампионска титула во Премиер лигата на Канада за црвено-белите:

На крајот Мексиканецот Давид Родригез ја добил наградата МВП за најдобар играч во финалето:

10 ноември 2025 - 09:24