Во Аргентина за репрезентација повикан играч од Серија Ц кој го викаат нов Ди Марија

Пауло Дибала со два гола против Зенит стигна до 6 гола и 3 асистенции сезонава. Но тој не е единствен Аргентинец под договор со Јуве сезонава кој е повикан во репрезентацијата на „гаучосите“ за дуели од квалификациите за Светско првенство против Уругвај и Бразил.

Повикан е и 18-годишниот крилен напаѓач Матиас Соуле кој досега нема ниеден настап за Јувентус иако еднаш бил на клупата за резерви (во септемврискиот меч со Наполи).

Сето останато време досега Соуле играл за Јуве У-23. Како се случи да го викнат во друштво со Меси, Ди Марија, Дибала и другите ѕвезди?

******

Селекторот на Аргентина Лионел Скалони упорно ја продолжува својата идеја да промовира нови млади играчи во репрезентацијата, па овојпат повикал дури 7 дебитанти: Покрај Матиас Соуле, повик добиле и 20-годишните Тиаго Алмада (Велес Сарсфилд) и Гастон Авиља (Росарио Сентрал), 19-годишниот Сантијаго Симон (Ривер Плејт), Езекјел Себаљос, Кристиан Медина (двајцата од Бока Јуниорс) и дури 17-годишен голман Федерико Гомез (Тигре).

Интересно во едно скорешно интервју за шпански AS, ултра талентираниот Матиас Соуле признал дека веќе добил покана и од фудбалската федерација на Италија.

„Да, ме викнаа во репрезентацијата У-19, но јас ја чекам Аргентина. Затоа сум посветен само на клубот. Што ќе биде ако добијам повик и од двете селекции? Ќе ја изберам Аргентина“, рекол талентот на Јуве.

Повикот на Соуле е интересен и зошто тој ги скока сите младински селекции на Аргентина, а има само три меча за репрезентацијата У-16.

На 16 години тој потпишал прв професионален договор со аргентински Велез Сарсфилд и го привлекол вниманието на европските клубови. Во јануари 2020 Јувентус ги победил Барселона, Атлетико и Монако и бесплатно го довел младиот бисер во своите редови, практично без обештетување кон неговиот клуб.

Во Аргентина го споредуваат со Ди Марија, го викаат нов Анхел. Матиас исто е левак, може да игра и како десно крило, неверојатно е брз и има прецизна левица. Може да се снајде и како полушпиц или лажна деветка. За најсилни страни му ги сметаат дриблингот, брзината и прецизниот пас.

Во сезоната 2020/2021 тој дал 5 гола и имал 5 асистенции за Јуве У-19. Сезонава одиграл 10 меча во Серија Ц за Јувентус У-23, дал два гола во три меча во Купот на Серија Ц и еден гол во два натпревари во младинската лига на УЕФА: против Челси.

Тренерот Масимилијано Алегри решил Соуле да оди по помирен пат. Во јули Матиас дебитирал за прв тим на пријателската со Чезена и го дал третиот гол во триумфот 3:1. Во септември Алегри имаше проблеми со составот па го повикал Аргентинецот и уште двајца играчи од У-23 за гостувањето во Неапол.

Тој нема многу идоли. Вели дека омилен играч му е Дибала, неговиот сонародник.

„Пауло е гениј. Секој пат кога одам на тренинг, разговараме. Ми помага многу во се што ми е потребно. Во детството Меси и Кристијано ми беа идоли, а во личен разговор со Роналдо го сфаќате тоа што во игра не го гледате“.

Соуле во Јуве многу научил од Роналдо, а сега во репрезентацијата ќе учи од Лео Меси.

„Еднаш на маса седевме тројца, Уругваец, Шпанец и јас. Кристијано седна на нашата маса и почнавме да збориме. Разговаравме повеќе од пола саат, тој многу совети ни подели. Феномен е. После тоа побарав да се сликаме. Ми кажа дека нема проблем“, рекол Соуле за првата средба со Кристијано.

Матиас рекол и дека сега едвај чека да ги запознае Меси и Агуеро. Средбата со Лео може ќе му биде за некој ден.

„Сакам да ја имам топката, ама не знам на кого личам во играта. Исто сакам да давам добри пасови. Го обожавам Меси. Ми се допаѓа и Нејмар, он е исто многу опасен“, вели младиот Аргентинец.

Јуве во септември потпишал нов договор со Соуле до 2024 година со можност да го продолжи до 2026. Тифозите на Јувентус сега имаат нов бисер за следење.

5 ноември 2021 - 13:43