Во Англија одложени фудбалски натпревари поради кризата со бензин и возачи на цистерни

Во ХVIII век во Велика Британија во недела строго биле забранети јавни настани на кои се наплаќаат влезници па фудбалот стриктно се играл во сабота.  Два клуба се дрзнале да одиграат во недела па го смениле календарот. Сега нешто друго ги спречува.

Во последните денови на британските бензински пумпи има сè поголеми гужви. Неочекуваниот недостиг на бензин и дизел се одразил и на фудбалот па се одложиле стотици натпревари во пониските лиги.

Слична слика пред 50 години засекогаш го сменила англискиот фудбал.

НЕДОСТИГ НА БЕНЗИН КАКО ПОСЛЕДИЦА НА БРЕГЗИТ, НЕМА КОЈ ДА ВОЗИ ЦИСТЕРНИ, НЕМА ДОВОЛНО ГОРИВО

Неделава вредноста на литро бензин на британските бензински пумпи надминала 1,35 фунти (97 денари), а последен пат бензинот бил толку скап пред осум години.

На бензинските пумпи има редици коли, а поради недостиг на гориво, најголемите нафтни компании вовеле ограничување. На 23 септември гигантот BP затворил десетина пумпи по цела Британија, а следниот ден нивниот конкурент EG Group ограничил продажба на бензин и дизел - во едно полнење можело да се стави само за 30 фунти. Не повеќе.

Ситуацијата е парадоксална. Британија има полни резерви бензин но неговата достава до пумпите е сложена поради ефектот од Брегзит: во периодот на пандемијата многу граѓани од други земји ја напуштиле Англија, а не можат да се вратат лесно поради комплицираната процедура (ги сметаат за работна сила од странство). Меѓу тие кои не се вратиле во Британија има и голем број возачи на цистерни, така што сега има недостиг од оваа професија.

Откако се олесниле мерките во Лондон и другите поголеми градови, животот одново се вратил во нормала а тоа довело до зголемени барања за бензин. Во меѓувреме се појавиле и вести за дефицит на бензин и други деривати на пумпите, па народот купувал и резерви.

Поради овој проблем многу фудбалски клубови од пониските лиги не можеле да одат на своите натпревари. На 28 септември дури 35 меча од аматерските лиги биле одложени на неопределено време.

КАКО АНГЛИЧАНИТЕ ПОЧНАЛЕ ДА ИГРААТ ФУДБАЛ И ВО НЕДЕЛА ИАКО БИЛО ЗАБРАНЕТО СО ЗАКОН

Иронично, но првата сериозна криза со топлотна енергија и нафтни деривати се случила веднаш откако Британија влегла во Европската економска заедница.

Во јануари 1973-та Обединетото Кралство станало дел од заедничкиот пазар, а веќе на есен истата година имале голем удар. Арапските земји вовеле нафтено ембарго кое ги погодило сојузниците на Израел. Во тоа време се случил и крвавиот конфликт на Блискиот Исток - војната на „Судниот ден“ во која Египет и Сирија тргнале да си ги вратат териториите кои ги изгубиле на крајот од 1960-те години.

Иако судирот траел 17 дена, веднаш по завршувањето на војната, Британија се соочила со најтешка криза по Втората Светска војна.

Арапските земји обединети во ОПЕК одбиле да доставуваат нафта во земјите од Западна Европа. Притоа го намалиле и производството и тоа довело до огромен раст на цената по барел нафта - од три до дванаесет долари.

Властите во Британија вовеле жестоки ограничувања на користење енергија. Во зимата вовеле тродневна работна недела и имало многу забрани. Вести имало доцна навечер и било апелирано да не се користат апарати на електрична енергија како правосмукалки, биле забранети електрични четки за заби и сл. Во спротивно властите се заканиле дека ќе наметнат голем данок на стотина различни уреди од апарати за кафе до тримери за жива ограда.

Во позадина имало економска криза со инфлација од 20%.

Иако фудбалот не престанувал и се играл дури и во такви услови, организација на вечерни натпревари бил голем раскош, па средбите ги префрлиле по дневна светлина.

Интересно, оние кои го составувале фудбалскиот календар со децении ја игнорирале недела. Причината за тоа е необична.

Во 1780-та година во Британија бил донесен закон кој им го уредувал јавниот живот на Британците во согласност со религиозните традици. Актот познат како Sunday Observance Act 1780 забранувал настани чии организатори би наплаќале влезници. Се сметало дека тој ден треба да се помине во црква на служба и со семејството. За нарушување на ова правило следела казна.

Некои членови од овој закон од XVIII век биле сменети во ’60-те години но оние кои организирале фудбалски натпревари како по навика дури и во кризните ’70-те години се држеле до сабота која станала традиција.

Први клубови кои пројавиле дрскост и организирале меч во недела биле Кембриџ Јунајтед и Олдам Атлетик. Тие играле во Купот на Англија во недела на 6 јануари 1974-та во 10:30 часот. На стадион гледачите ги пуштале бесплатно а на трибини можеле да влезат само оние кои купиле програм за мечот (актуелен многу ден-денес во англискиот фудбал).

Дента на натпреварот дошле 9.000 гледачи.

Од тој момент понатаму, недела бил стандарден ден за фудбалски натпревари.

1 октомври 2021 - 15:10