Во 1986-та судија му дал гол на Бешикташ и му земал бод вреден титула

Во сезоната 1986/1987 борбата за титулата во Турција била како и речиси секоја година - жестока. Шампион станал Галатасарај со 54 бода, а Бешикташ имал 1 бод помалку.

Во тоа време во многу европски лиги, па така и во турската, за победа давале по 2 бода (првиот систем со 3 бода во турскиот фудбал стапил на сила од следната сезона).

Сметањето по 2 бода за победа и тоа како влијаело на табелата таа фамозна сезона 86/87. Во 5 коло Бешикташ на гости играл против Анкарагуџу и изгубил со 1-0.

Единствениот гол на мечот го постигнал судијата Ахмет Акчај. Бешикташ изгубил 1 драгоцен бод и токму тоа на крај влијаело на шампионскиот исход.

Главен показател на табелата во случај два тима да имаат исто бодови била гол-разликата. Во многу земји ден-денес е така.

Тогаш Бешикташ ја завршил сезоната со +41 а Галатасарај имал 10 гола помалку. Според тоа, во случај да имале исто бодови на крајот, Бешикташ би бил крунисан шампион (со евентуален бод на тој меч со Анкарагучу ќе имале исто поени).

Во протокол делегатот голот му го препишал на напаѓачот Кемал Јилдирим, затоа што после неговиот шут топката ја удира судијата (или топката го удира судијата, како сакате) и влегува во голот.

После мечот судијата Акчај се правдал дека топката по секако би влегла во голот, ја допрел тој или не. Но од повеќе агли се испоставило дека не било баш така.

„Ова беше моја прва сериозна голема грешка за 17 години во фудбалот“, објаснувал судијата.

Во 2017-та година Акчај признал дека тој гол му ја срушил кариерата која што долго ја градел, иако не било така. Тој пропуштил многу натпревари во сезоната 1987/1988 (свирел на само 4 меча), но затоа во следната сезона 1988/1989 судел на 14 натпревари.

Пилот по професија, Акчај ја завршил судиската кариера на 45 години - после сезоната 1990/1991 каде свирел на дури 15 меча. 

После цели 34 години, во март 2020-та година, Бешикташ официјално побарал од TFT (Турската фудбалска федерација) да му ја врачи титулата од 1986/1987 но не поради голот на Акчај. Тој пораз и онака се случил во 5. коло, а пред нив имале цела сезона.

Работата е во нерешениот меч (1:1) против Денизлиспор во претпоследното коло. И тогаш имало драма: Бешикташ тогаш изгубил злато вреден бод од седмопласирана екипа на која ама баш ништо не и значел тој меч. Што било?

Поранешниот играч на Денизлиспор, Месут Бакал оваа пролет објавил автобиографија „Историјата на Месут“ каде признал дека на тој меч играл под допинг, се допингувал пред натпреварот.

Бешикташ бара противникот да добие службен пораз, бодовите да им бидат препишани нив и титулата да им се врачи затоа што неправедно им била одземена.