Верност на сезоната: Лукас Перез платил пола милион евра за да игра со Депортиво во трета лига

На 31-ви декември, Депортиво Ла Коруња, некогашниот шампион на Шпанија кој палеше и гасеше по Европа, објави за трансфер на Лукас Перез. Центарфорот потпишал шест месечен договор до крајот од сезоната.

Веста која пред неколку дена дојде од Пиринејскиот полуостров ја импресионираше целата фудбалска јавност. Грев е да не спомнеме за неа.

Триесет и четиригодишниот Лукас Перез се враќа дома.

Што го прави овој премин толку необичен?

Перез решава да замине од Кадиз кој игра во елитната и богата Ла Лига за да прејде во Депортиво Ла Коруња кој мака мачи во трета шпанска дивизија. Не секој е спремен на ваков чекор.

Што е уште поневеројатно?

Лукас Перез платил и огромен дел од сумата за трансфер. За да се врати во својот сакан поранешен клуб, Перез му платил на Кадиз 493.000 евра, односно околу половина милион евра, а останатиот дел го подмирил Депортиво.

Покрај тоа, некогашниот фудбалер на Арсенал се откажал од 900.000 евра колку што ќе заработел во Кадиз доколку останел до крајот од сезоната. Во Депортиво ќе има далеку помала плата.

На 30 декември Лукас Перез постигна гол за Кадиз против Алмерија, а потоа топло се прости со довчерашниот клуб.

„Дојдов овде пред една година со цел да го спасиме Кадиз (клубот минатата сезона се спаси од испаѓање за еден бод) и ја постигнавме! Сакам да им се заблагодарам на навивачите, на клубот и градот за љубовта која ми ја дававте сево ова време. Секогаш ќе ви посакувам се најдобро зошто тоа го заслужувате“, рекол Перез.

САКАЛ УШТЕ МИНАТОТО ЛЕТО ДА ЗАМИНЕ ВО ЛА КОРУЊА, НО КАДИЗ НЕ ГО ПУШТАЛ

Лукас Перез играше за Депортиво од 2014-та до 2016-та година а потоа замина на позајмица во славниот Арсенал во сезона 2017/2018.

За тимот од Галиција претходно постигнал 33 гола и имал 22 асистенции на 96 меча. Во Арсенал даде 7 погодоци на 21 меч и имаше добри настапи а во Вест Хем подоцна прослави 6 гола на 19 средби.

По трансферот во Арсенал тој отворено ја признал својата љубов кон Депор. „Понекогаш ми изгледа дека сум поминал 10-15 години во Депортиво. До преминот во овој клуб никој не знаеше. Малку кој знае дека јас играв и во Украина и во Грција. Ниту еден навивач на Депортиво не ми кажа дека грешам што си одам во Арсенал. Луѓето ми викаа дека Арсенал ќе го зголеми бројот на навивачи после мојот премин“, вели Лукас.

Тој одамна сакал да му помогне на Депортиво кој е во длабок канал во трета лига. Во летото 2022 можел да дојде во Ла Коруња за да заигра во плејофот за пласман во Сегунда, но коцките не се погодиле, а Депортиво испаднал од Албасете во баражот.

Лукас Перез имал усмен договор со претседателот на Кадиз Мануел Вискаино дека ако Депортиво се пласира во втора дивизија Сегунда, клубот ќе му одобри трансфер.

ЗОШТО ЛА КОРУЊА ТОЛКУ МНОГУ ПРОПАДНА?

Ретко кој е навикнат да го гледа Депортиво толку ниско. Во 2000-та овој клуб на доминантен начин ја освои титулата во Ла Лига а на улиците на градот излегоа околу 200.000 вљубеници во клубот. Депортиво го освои и шпанскиот Кралски куп во 2002 а беше и полуфиналист на Лига на шампиони во сезоната 2003/2004.

Но кон средината од 2000-те години Ла Коруња почна да тоне. Цените во фудбалот почнаа ненормално да растат а претседателот Аугуста Лендоиро не можел да се носи со тоа брзо темпо и огромни суми за плати и трансфери.

Клубот западнал во долгови и брзо било пред гаснење.

Ваквиот расплет уште на времето го предвидел легендарниот тренер Џон Тошак кој беше и селектор на Македонија. Кога во 1996-та Тошак го тренирал Депортиво рекол: „Наместо што троши милиони на трансфери, Лендоиро треба да изгради модерна тренинг база. Клубот нема фундамент. Личи на воздушен замок“.

Во 2013-та година советот на директори на клубот констатирал дека долговите стигнале до 156 милиони евра. Шефовите во финансискиот извештај ја објасниле причината:

„Неликвидноста е предизвикана од режимот на управување претходно. Клубот земал кредити и трошел износи кои ги надминувале неговите финансиски можности“.

Тогашниот претседател бил принуден да замине. На одење признал: „Моја најголема грешка е што не ги продавав играчите кога можев“.

А низ Депортиво продефилираа страшни играчи.

Клубот во последниве години полека се обидува да застане на нозе. Во 2019-та година беа на праг да се вратат во Ла Лига но тогаш се случи чудо. Прво ја победија Мајорка 2:0 и кога сите веќе го видоа Депортиво конечно назад во Ла Лига, на реваншот Мајорка славеше со 3:0 и сензационално се пласираше во најдобрата лига.

После една година од овој момент со Мајорка, Депортиво доживеа уште еден удар. Во последното коло од втората лига Сегунда, тимот од Ла Коруња се бореше за опстанок.

Требаше да игра со Фуенлабрада која се бореше за место во баражот. Но мечот се одложи поради тоа што Фуенлабрада имала 12 позитивни играчи, па така шпанската фудбалска федерација го регистрирала дуелот како неодигран па Депортиво испадна во трета лига а Фуенлабрада не играше бараж за прва лига.

Во исто време Понферадина го одигра својот дуел регуларно и обезбеди опстанок во лигата. 

Залудни биле жестоките протести од претседателот на клубот Фернандо Видал кој се бунел што екипите не играле во исто време и што правилата биле нарушени.

ДЕБИ ОД СОНИШТАТА СО ДВА ГОЛА

Откако по трет пат во својата кариера ја задолжил опремата во својот Депортиво, Лукас Перез имаше прекрасно ново деби. На мечот со Унионистас во 18. коло од шпанска трета лига, Депортиво победил 3:0 а два гола постигнал токму Лукас Перез.

После 18 одиграни кола, Депортиво има 10 победи, 5 нерешени и 3 порази и е на 4. место со 35 освоени бода. На добар пат се до крајот од сезоната да обезбедат место кое води погоре во Сегунда дивизион.

Во таа намера ќе имаат голема помош од саканиот Лукас Перез. „Беше многу посебно што си дојдов дома, на Риазор. Нешто што најмногу сакам е атмосферата. Неверојатна беше. Тоа го сакаме, да биде забава и навивачите да не вивнат во висините како што беше. Цел ден наздравуваа и навиваа и тоа ни дава крилја да продолжиме и да ја оствариме целта“

10 јануари 2023 - 09:24