По 10 месеци пауза поради повреда, Тео Волкот во саботата изигра неколку минути во победата на Арсенал против Барнли 3:0, а тренерот Венгер веќе му спремил нов договор, втор во 2 години.
Во 2013-та година, Волкот ги заврши шпекулациите дека ќе го напушти Арсенал и потпиша три ипол годишен договор според кој заработува 90.000 фунти неделно. Од тогаш до денес, Волкот одигра само 38 натпревари но и покрај тоа Французинот верува во него.
„Во декември ќе остане уште година ипол до крајот на неговиот договор и треба да седнеме со него и да се договориме за продолжување на повеќе години“, изјави Венгер во пресрет на вечерашниот дуел од ЛШ против Андерлехт.
По дуелот со Барнли, Волкот би можел и вечерва да тргне од клупата, а во меѓувреме се најде и на списокот англиски репрезентативци за дуелите со Словенија и Шкотска од квалификациите.
„Волкот е уникатен играч и долго време ни носи нешто поразлично. Ме радува што ќе го видам во дресот на Англија, затоа што му требаат натпревари и тренинзи“, вели Венгер.
Арсенал има 9 бода во ЛШ и е на прагот од пласман во следната рунда. Во претходните 3 години, екипата од северен Лондон во 1/8 финалето испаѓаше два пати од Баерн Минхен и еднаш од Барселона.
„Претходно игравме против Баерн и Барселона и затоа сега сакаме да завршиме први затоа што само така нема да ни биде криво ако налетаме на посилен противник во другата фаза“, констатираше Венгер.
Во досегашниот тек од сезоната, Алексис Санчез одигра 1,231 минута и постигна 10 гола. Дени Велбек играше 861 минута и даде 5 гола, Месут Озил 756 минути и 1 гол, Оливие Жиру 208 минути и 2 гола, Лукас Подолски 155 минути и 1 гол.
Како и претходните сезони, така и годинава Арсенал има проблем со повредените играчи. Во моментов надвор од составот поради повреди се Џек Вилшер, Лоран Кошелни, Давид Оспина, Месут Озил, Метју Дебуши и Оливие Жиру.