Фотофинишот на Јувентус пред последните неколку часа од преодниот рок го донесе Енрико Киеза во Торино. Младиот ас на репрезентацијата на Италија во Јуве ќе се сретне со тренерот-дебитант Андреа Пирло но и со ветеранот на голот Џанлуиџи Буфон.
Џиџи е голем пријател на Енрико Киеза, некогашниот шпиц на повеќе италијански клубови кој најмногу се прослави во златната генерација на Парма, токму со Буфон.
После точно 20 години, Џиџи ќе биде во иста екипа со син му на Енрико.
„Кога играв против син му на Енрико, помислив дека е време да завршам кариера, прво бев малку дезориентиран и мислев дека чукнал часот за крај“, изјави после еден меч меѓу Јуве и Фиорентина Буфон.
Но легендарниот голман ја продолжи кариерата, ќе брани и сезонава а во соблекувална друштво ќе му прави и Федерико Киеза, сјајниот крилен напаѓач за кого Јувентус одвои безмалку 60 милиони евра!
Буфон и Енрико Киеза заедно играа во Парма од 1996 до 1999-та година. Првиот беше неприкосновен меѓу стативите, а вториот ги решеташе противничките мрежи како шпиц.
(на фотографијата лесно ќе ги препознаете, Енрико носи број 20)
Со Малезани на клупа, Парма во сезоната 1998/1999 го освои Купот на Италија во силна конкуренција на богатите Јувентус, Интер, Милан, Лацио и Рома.
А Џиџи и малиот Федерико веќе се сретнаа три пати. Киеза-јуниор дури и го совлада чичко Џиџи во јануари 2017-та година кога „виолетовите“ го победија Јувентус со 2-1. Судиите подоцна процениле дека Федерико не ја допрел топката и голот му беше препишан на Хрватот Бадељ.
БУФОН ИГРАШЕ И ПРОТИВ СИН МУ НА ТУРАМ
Ко-релацијата Киеза-Буфон не е единствена. Вечниот Џиџоне од 1996 до 2006 година беше најблизок на теренот со Лилијан Турам, Французинот со кого другаруваа во Парма а после и во Јувентус каде дефанзивецот беше капитен. Во Торино дојдоа заедно во пакет од Парма (52 милиони Јуве даде за Џиџи а 36 милиони за Турам). Одиграа 372 натпревари заедно на теренот.
После долги години, кога Буфон реши да брани за Пари Сен Жермен, во француската Лига 1 се сретна со Маркус Турам (син на Лилијан роден 1997-ма година). На тој дуел ПСЖ буквално го размонтира Генгам со 9-0!
Подоцна Маркус потпиша со Борусија Менхенгладбах и судибната сакаше одново да се сретне со Буфон, овојпат на меч од Лига на шампиони меѓу Јувентус и Борусија.
Звучи неверојатно, ама Буфон се сретна и со Кефрен Турам, фудбалер од среден ред на Ница (роден 2001 година) и втор син на другар му Лилијан. На мечот ПСЖ - Ница, Кефрен останал на клупа па само се ракувале со Буфон.
ЏИЏИ СО ФАМИЛИЈА МАЛДИНИ
Ривали во многу битки меѓу Милан и Јувентус, соиграчи од репрезентација - Џиџоне има 21 меч против Паоло којшто денес е извршен директор на Милан каде син му Даниел игра во прв тим.
На 13 февруари 2020 година се играше полуфинале на Куп на Италија меѓу Милан и Јувентус. Буфон беше на терен, а Даниеле Малдини на клупа. После мечот си размениле дресови и Џанлуиџи изјави:
„Во мојата колекција имам дресови од Киеза и син му, од Турам и син му, од Веа и син му, а сега и од Малдини и син му“, се насмеа Џиџи.
СО ВЕА
Уште еден тандем родител-син има славниот голман во својата кариера. Верувале или не, Буфон бранел на 8 меча против легендарниот Жорж Веа и ниту еднаш не примил гол од Либериецот.
Кога беше во Париз, Буфон се сретна со Тимоти Веа (роден 2000-та), талент кој во моментов игра за Лил а претходно беше во ПСЖ. Во сезоната 2018/2019 Буфон се сретнал со Тимоти Веа во соблекувалната на ПСЖ.
СО ТАТКО И СИН КЛАЈВЕРТ
Во сезоната 1997/1998 Милан ѝ гостува на Парма и „млекарите“ слават 3:1. На терен асови како Креспо, Савичевиќ, Малдини, Карло Анчелоти (тренер на Парма), Буфон, Леонардо, Ганц, Костакурта, Десаи...
Дино Баџа дава страшен гол со ножички за 2:0 а во еден момент во игра влегува и Холанѓанецот Патрик Клајверт.
22 години подоцна, на 22 јануари 2020-та година Буфон се наоѓа на терен против син му на Патрик, Џастин Клајверт на мечот Јувентус - Рома во Купот на Италија (3:1 за Јуве).
„Сега ги чекам нивните внуци. Да видиме, ова е цел, ама не знам дали ќе успеам“, се шегува Џиџи.