Умре Мино Рајола

Најмоќниот менаџер на денешницата, Мино Рајола, почина денес на 54 години. Италијанскиот агент кој стоеше зад најголемите светски фудбалски имиња, последниве неколку недели бил на интензивна нега.

Мино Рајола боледувал од тешка болест веќе некое време а од јануари годинава состојбата му се влошила па бил префрлен на интензивна нега.

Роден на 4 ноември 1967 во Ночера Инфериоре во Италија но само затоа што во Ангри (Салернитано) од каде биле неговите, немало породилно.

Мино Рајола после неколку години со семејството се сели во Холандија каде израснал и каде почнал да учи занает во фамилијарната пицерија пред да почне да работи како менаџер на фудбалери.

На почеток на неговата кариера бил претставник на Бергкамп, Вим Јонк и други холандски играчи, а во последнава деценија стана најмоќниот менаџер на светот, агент на Ибрахимовиќ, Погба, Донарума, Халанд, Робињо, Балотели, Лукаку, Де Лихт, Марко Верати, големиот талент на холандскиот фудбал Рајан Гравенберх, Ирвинг Лозано, Моизе Кин, Донјел Мален, Алесио Ромањоли, Нусар Мазрауи, Дензел Дамфри и стотици други играчи.

Кога Мино бил мал татко му работел во компанијата Алфа Ромео и имал мала бензинска пумпа на автопатот Наполи-Салерно, но сфатил дека права пара може да заработи во Холандија.

Тогаш се селат во градчето Харлем каде ја отвораат пицеријата „Наполи“. Малиот растел во пицеријата каде на 15 години почнал да работи, а на 17 се гледа со девојка 12 години постара од него. Во тоа време играл фудбал за малку познатиот клуб Харлем. Не му предвидувале блескава кариера иако претседателот на клубот бил редовен гостин во пицеријата.

Мино набрзо се заинтересирал за позицијата спортски директор. Го контактирал тогашниот претседател на Наполи Корадо Ферлаино со цел да го убеди да го купи Харлем и да направи клуб-филијала, сателит на Наполи. Успеал да го убеди но незгодниот карактер на Мино набрзо ги довел до расправија и Рајола си отишил од Харлем.

Ја основал агенцијата „Intermezzo“ која водела трансфери на холандски фудбалери во Италија. Првиот бил левото крило Брајан Рој кој од Ајакс дошол во Фоџа во 1992-ра. Познатиот фудбалер во италијанското градче нашол и девојка со која се оженил. Следен голем трансфер бил оној на легендарниот Денис Бергкамп од Ајакс во Интер во 1993-та.

Од тогаш Мино Рајола веќе станал големо име во менаџерските кругови. Првиот сериозен трансфер му бил Павел Недвед во Лацио, а целата операција ја олеснил Зденек Земан со кого се знаел од времето од Фоџа.

После Мино го носи Недвед во Јувентус кај Лучано Моџи со кого не беа во сјајни односи.

Италијанецот стана алфа и омега во светот на фудбалот. Играчите имаа целосна доверба во неговата работа а легендарна е и изјавата на Ибрахимовиќ дека „Мино е најзаслужен што тој направил таква кариера каква што направи“.

Рајола има сопруга, две деца, стан во Монтекарло, вили во Амстердам и Мајами, во Вила Марија и Франкавила. Зборувал седум јазици, сите ги научил преку преговори со разни клубови и играчи. Рекол дека англиски научил додека гледал Мики Маус како мал во Холандија.

Едно време студирал две години право, а работел и како посредник за банки.

28 април 2022 - 13:58