Маратонот „Badwater" е еден од најекстремните спортски настани кој летово традициолно по 36-ти пат се одржа во Калифорнија и тоа секогаш во месец јули кога временските услови се најтешки за трчање.
Стартот е на 86 метри под нивото на морето односно во „Долината на смртта", најниското место во северноамериканскиот континент каде се случува по цела година да не падне ниту капка дожд. Целта пак е на највисоката точка во САД на 2548 метри.
Јунакот кој во ова издание прв стигна до финишот е 39 годишниот Карлос Са од Португалија кој ги истрча пеколните 217 километри за 24 часа и 38 минути. Дечкото не може да се пофали со водење здрав живот, но од преголема желба за трчање зад себе остави 80 маратонци кои ја завршија трката од вкупно 96 кои стартуваа.
Тој е фамилијарен човек со жена и две деца, а пред 7 години имал 95 килограми и пушел по две кутии цигари дневно. Работел во текстилна индустрија, но откако се затворила за да преживее морал да брише прозорци.
За да смени страница во својот живот решил да направи поголеми чекори. Ослабел 30 килограми, ги оставил цигарите и почнал здраво да се храни. Желбата за трчање ја имал уште од мал, а жештините во Калифорнија не му биле ништо ново, затоа што претходно учествувал на ултрамаратон во Сахара.
„Почнав да трчам за да се чувствувам психички подобро и за да најдам некоја нова патека во животот, односно поздрава. Но од што бев премногу импресиониран од маратоните, решив да си ги испробам моите лимити", вели победникот.
За време на екстремната трка натпреварувачите за да стигнат до целта се соочуваат со три планински угорници, но на тоа им претходи борбата со најголемата жештина која трае околу 6 часа во „Долината на смртта".
„Најтешкиот дел од трката дефинитивно е сушата која треба да се мине и каде дуваат силни топли пустински ветрови", раскажува маратонецот.
Тој никогаш не трчал на стандардните маратони и нема ниту намера да се пријави. Неговиот предизвик се планините и тестирањето на неговата моќ - до каде може да стигне.