Европската куќа на фудбалот ќе донесе ново правило во фудбалот, со кое судиите при повреда на играч ќе имаат право да направат пауза до најмногу 3 минути, а потоа лекарскиот тим на клубот ќе одлучи дали повторно да го пушти во игра фудбалерот.
„На играчот кој за момент е излезен надвор од теренот поради повреда, ќе му биде дозволено да се врати само со дозвола која докторот ќе ја одобри и ќе му ја потврди на судијата“, изјави генералниот секретар на УЕФА, Џани Инфантино.
Ова ново правило ќе биде воведено поради неколкуте инциденти на последното Светско фудбалско првенство во Бразил, а размислува да го воведе и Извршниот комитет на ФИФА која ќе има состанок идната недела.
Претседателот на медицинскиот комитет на ФИФА изјави дека потрес на мозокот кај фудбалерите се случува на секој 20-ти меч.
На Мундијалот во Бразил на натпреварот помеѓу Уругвај и Англија, од силен удар се онесвести Алваро Переира кој по неколку секунди се разбуди и ги разубеди докторите да го доигра мечот.
Наредниот ден, Здружението на фудбалерите ФИФПро побара од ФИФА промена во правилникот каде ќе стои дека оние играчи кои ќе ја загубат свеста, веднаш ќе мора да бидат заменети.