УЕФА ја боли уво за заштита на животна средина и глобално затоплување

Со проширено Европско првенство, кое првпат во историјата се играше во 11 различни земји, со воведување на нов турнир Европа Лига на Конференции, УЕФА само го згуснува календарот на натпревари и воопшто не размислува на влијанието врз климатските промени.

Сезонава со бројот на натпревари во групна фаза во Лига на Конференции се зголеми вкупниот број на сите дуели во еврокуповите до 288 меча за 2021/2022 или за 20% повеќе од лани и покрај фактот што ја смалија Лига Европа од 48 на 32 тима.

Проширувањето на Лига на шампиони предвидено за 2024/2025 значи дека ќе има 180 меча во новата предвидена лига, страшно повеќе од досегашните вкупно 96.

Во периодот од 2020/2021 до 2024/2025 ќе има 55% зголемување на вкупниот број натпревари во групна фаза во еврокуповите.

Сезонава од 96 мечеви во групите, само шест се составени од тимови кои се на помалку од 500 километри едни од други. Тоа фактички значи повеќе летови, а авионскиот превоз се смета за еден од главните виновници за климатските промени со 5% влијание во глобалното затоплување.

Во новата, Конференциска Лига на УЕФА, предвидена пред се за послаборангираните тимови, дури 85% од натпреварите во групна фаза се меѓу тимови кои се најмалку 1.000 километри оддалечени едни од други.

Просечната километража која еден клуб треба да ја помине во групна фаза на оваа Конференциска Лига е 5.578 км што е идентично со летање од Лондон до Њујорк.

19 тима (59%) мораат да патуваат повеќе од 5.000 километри за да ги одиграат сите натпревари против ривалите од УЕФА.

Казахстанскиот тим Каират ќе се „отепа“ од патување со вкупно 11.348 километри.

21 октомври 2021 - 15:37