УЕФА ги бојкотира изборите во ФИФА, Путин го брани Блатер

„Нема покорумпирана организација од ФИФА. Нивниот замок од карти се распаѓа и време е нешто да се менува. Ако Блатер има барем малку достоинство, треба да се повлече, да оди во пензија, да се испружи на креветот и да гали мачка“, изјави Гари Линекер.

По вчерашната акција во која беа уапсени високи функционери на ФИФА, притисокот врз Сеп Блатер е сè поголем. Марадона остро ги нападна, а УЕФА бара одложување на изборите.

Нов црн ден за светскиот фудбал, по акцијата на ФБИ кој вчера упаси раководни лица на ФИФА поради сомнение дека 20 години земале мито за разни активности. Ла Република пишува за проневерена сума од 150 милиони долари.

Сеп Блатер во моментов не е под обвинение, но реакциите и притисокот врз него е сè поголем од сите страни. Во одбрана на Блатер застана рускиот претседател Владимир Путин, кој вели дека знае чие „масло“ е апсењето кое не случајно се случи пред изборите во ФИФА.

„Очигледен е обидот да се блокира реизборот на Блатер за претседател на ФИФА. За жал нашите партнери од САД ги користат истите методи како со основачот на Викиликс, Асанж и Ерик Сноуден. Фактот што акцијата се случи во пресрет на изборите ми кажува дека нешто не е чисто", изјави Владимир Путин за Риа Новости.

Од УЕФА, како главен орган на европскиот фудбал соопштија дека се „изненадени“ од целата акција за апсење изведена во Цирих. Извршниот комитет на УЕФА синоќа пред финалето на ЛЕ имал состанок во Варшава на кој е одлучено да се побара одложување на изборите во ФИФА предвидени за следниот петок во Цирих.

„Настаните од денес се катастрофа за ФИФА и ја рушат комплетната слика за фудбалот. Овие факти покажаа уште еднаш дека корупцијата е длабоко вкоренета во работата на ФИФА“, стои во соопштението на УЕФА, која најавува бојкот на изборите доколку не се одложат на неодредено време.

Сите федерации на УЕФА ќе се состанат утре кога ќе биде донесена одлука околу понатамошното работење на европската фудбалска организација.

МАРАДОНА

„Уште од времето зборував, мене ме третираа како лудак. Доста го лажат народот веќе. Овие луѓе немаат никаква почит кон овој спорт и не го водат достојно. Американците (ФБИ) направија одлична работа и јас попрво би бил сирак отколку да припаѓам на семејството на ФИФА. Корумпирана институција е“, напиша Марадона на својата Фејсбук страна и постави слика од Блатер со натпис крадец.

РОМАРИО

Поранешниот освојувач на злато на СП во САД '94 напиша дека во акцијата се уапсени „глувците“ од ФИФА. „Швајцарските власти изведоа лов на глувци и уапсија различни функционери на светскиот фудбал“, напиша Ромарио на својот Фејсбук профил.

ЛИНЕКЕР

Свој суд донесе и славниот англиски фудбалер Гери Линекер.

„Нема покорумпирана организација од ФИФА. Нивниот замок од карти се распаѓа и време е нешто да се менува. Ако Блатер има барем малку достоинство, треба да се повлече, да оди во пензија, да се испружи на креветот и да гали мачка“, изјави Линекер.

Се јавија и од советот на Европа:

ТУСК

Реакции стигнаа и од политички фигури од Европа. Се јави поранешниот премиер на Полска, Доналд Туск.

„Има потреба од фер плеј внатре и надвор од терените. Време е ФИФА да го исчисти својот терен“, напиша на Твитер претседателот на Советот на Европа.

Од ФИФА вчера соопштија дека ќе излезат со конкретни вести во текот на предстојниот викенд. Изборите за претседател во светската фудбалска федерација се закажани за следниот петок.

28 мај 2015 - 12:47