Убавата приказна за Палестинец, селекторот на Бразил и внук му

Светското првенство во Катар поминува мирно, добар фудбал се игра на терен, а забавно е на трибини и надвор од стадиони. Симпатична приказна стигна од бразилската база.

После мечот меѓу Бразил и Србија кои „кариоките“ го добија 2:0, околу 80.000 гледачи се упатиле кон автобуските и метро станици за да тргнат кон своите сместувања.

Меѓу нив биле и снаата, внуците, сопругата на Тите, бразилскиот селектор и човек кој го води фаворитот број еден за златен пехар. Со нив била и дадилка. Сите видно изморени од пешачење, навивање, викање.

Двајцата внуци на Тите биле заспани. Едниот, Фернандо во раце го носела сопругата на селекторот, а другиот, Лука едвај го додржувала мајка му.

Во еден момент навивач дојден од Палестина, решил да им помогне на изморените жени, се понудил и го кренал да го носи во раце малиот Лука по долгите конвои до метро станиците.

Оваа снимка набрзо се проширила низ Бразил, многумина емотивно ја доживеале а селекторот Тите без да знае кое дете е во рацете на палестинскиот навивач, исто симпатично прокоментирал дека би сакал да знае нешто повеќе за солидарниот навивач.

„Би сакал да го запознаам Арапот, зошто покажа чувство на солидарност кој го надминува фудбалот. Секако дека сакам да победиме, дека јас сум одговорен и давам се од себе мојот тим да победи, но постојат работи кои се над ова. Спортот има човечка страна, средство е за збратимување и почитување“.

Подоцна кога се дознало дека тој го носел внукот на Тите, Палестинецот Хусам добил специјална покана да биде гостин на тренинг на Бразил и можност да се слика и поразговара со сите ѕвезди. Добил подарок и од снаата на Тите, Фернанда Баки.

Се фотографирал и со селекторот на „кариоките“, а добил и подарок со автограм од повеќе репрезентативци и тренерите. Снаата на Тите во објава на видеото напишала „Ширете добрина“.

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by GOAL Brasil (@goalbrasil) 

30 ноември 2022 - 15:23