Галатасарај, клуб од големата тројка на Истанбул месецов може да добие казна поради непочитување на финансискиот фер плеј на УЕФА, правила според кои трошиш онолку колку што си заработил а не колку што имаш.
Намерата на турските клубови, до 2020 да бидат рамо до рамо со Топ 4 лигите во Европа се испоставува дека не е реална, пишува Ројтерс и додава дека слични амбиции има и претседателот Реџеп Тајип Ердоган кој се надева дека турската економија ќе стане една од ТОП 10 во светот до 2023.
„Фудбалот се одразува на животот. Каков и да е турскиот карактер, најлесно може да го видите на теренот, по клубовите, во политиката. Турците се научени да живеат со кризата и да бараат решенија. Се водиме според логиката дека работите сами ќе се сменат“, вели Тугрул Акшар, фудбалски економски стручњак и соработник на финансискиот дневник Дуња.
Казните од УЕФА може да значат нов удар за турскиот фудбал кој доживеа потрес во 2011 година со скандалот на наместени натпревари. Сето тоа во сенка го остави успехот на Галатасарај во Купот на УЕФА во 2000. година кога Турците го освоија овој турнир, а две години подоцна Турција играше во полуфиналето на СП 2002 и полуфиналето на ЕП 2008.
Трошењето многу пари на познати играчи доведе до голема криза која оставила 18 прволигаши во вкупен долг од 4,2 милијарди лири (1,4 милијарди долари) во банките.
УЕФА соопшти минатиот месец дека Галатасарај не успеал да ги надомести долговите и затоа е отворена истрага.
„Нашите загуби се околу 164 милиони евра во последните 3 сезони. Го надминавме лимитот на УЕФА и сега ќе се обидеме да направиме сè што можеме за да ја избегнеме казната. Работиме на тоа годишно да ги скратиме годишните трошоци од 10 милиони евра“, изјави газдата на Галатасарај, Дурсун Озбек за Ројтерс.
Најголемиот ривал на Галатасарај, клубот од азискиот дел на Босфорот, Фенербахче минатото лето потроши мултимилионски суми за Ван Перси и Нани. Поради тоа и Фенер е на пат да биде драстично казнет.
Мониторингот на УЕФА ги надгледувал уште и Хапоел Тел-Авив (Израел), Рух Хорзов (Полска), Ростов (Русија), Хал (Англија) и Спортинг Лисабон (Португалија).