Три клуба, три различни света во Истанбул

Европските фудбалски лиги влегуваат во финишот, а трката за титулата по сè изгледа најдраматична ќе биде на Босфорот, каде рамноправно се бркаат Галатасарај, Бешикташ и Фенербахче.

Во Англија има неколку лондонски ривали, во Шпанија Атлетико сè повеќе му се заканува на Реал, во Москва има четири големи градски ривали, во Буенос Аирес два, но годинава никаде не е така драматично како во Истанбул.

Во градот каде се спојуваат две цивилизации, Европа и Азија, три екипи рамноправно конкурираат за титулата национален првак на Турција.

Минатата година Фенербахче ја освои титулата со девет бодови предност. Последните две титули на Галата завршија со предност од +10 односно +9 бодови. Претходно, во сезоната 2010/2011, Фенербахче стана шампион поради подобрата гол разлика во однос на Трабзонспор. Тогаш Бешикташ заврши како петтопласиран со 28 бодови помалку, а Галата беше осма со дури 36 бода помалку.

Сезонава, ситуацијата е подраматична од кога и да е претходно. До крајот на првенството останаа уште шест кола, а Галата, Бешикташ и Фенер ги дели само еден бод. По 61 бод освоија Галатасарај и Бешикташ а 60 има Фенербахче. Во случај да имаат ист број на бодови, одлучува гол разликата. Фенер со +26 е прв на таа табела, Бешикташ има +23, а екипата на Горан Пандев има гол разлика +26.

Завршницата да биде полуда се погрижи и статистиката, која вели дека во случај две екипи да имаат ист број на бодови и иста гол разлика, тогаш се гледаат дадените голови. Галата досега постигна 52, Беко 49, а Фенер 47.

До крајот на првенството, сите три клуба од Истанбул имаат по три домашни и три гостински средби. Според распоредот, Фенербахче е фаворит затоа што актуелниот шампион дочекува две екипи кои се практично испаднати и една од средината на табелата. Единствено тешко гостување може да им биде против Басакшехир кој се бори за Европа.

Најголема предност на Фенербахче е фактот што тие веќе завршија работа со дерби дуелите, а Галатасарај и Бешикташ ќе играат меѓу себе и тоа во претпоследното коло.

Бешикташ има можеби најтежок распоред до крајот, затоа што освен со Галатасарај треба да игра и против Трабзонспор кој има искусни фудбалери и се бори за излез во Европа. Колку во Трабзон ги мразат истанбулските клубови покажа и последниот напад на клупскиот автобус на Фенербахче во овој град.

Кој со кого до крајот:

БЕШИКТАШ (61 бод)

29. коло Трабзон - Бешикташ

30. коло Бешикташ - Газијантеп

31. коло Ахисар - Бешикташ

32. коло Бешикташ - Коња

33. коло Галатасарај - Бешикташ

34. коло Бешикташ - Генчлербирлиги

ГАЛАТАСАРАЈ (61 бод)

29. коло Ахисар - Галатасарај

30. коло Галатасарај - Коња

31. коло Мерсин - Галатасарај

32. коло Галатасарај - Генчлербирлиги

33. коло Галатасарај - Бешикташ

34. коло Ризе - Галатасарај

ФЕНЕРБАХЧЕ (60 бодови)

29. коло Фенербахче - Баликесир

30. коло Сивас - Фенербахче

31. коло Фенербахче - Ерџиес

32. коло Мерсин - Фенербахче

33. коло Басакшехир - Фенербахче

34. коло Фенербахче - Касимпаша

Поранешниот фудбалер на Челси, Демба Ба е најдобар напаѓач на Бешикташ со 16 голови. Прв стрелец во првенството е Фернандао од Бурса со 18 голови.

Галатасарај во нападот ги има Брума, Булут, Бурак Јилмаз и Весли Снајдер. Во моментов Бурак Јилмаз има 14 голови. Фенербахче е препознатлив по гранитната одбрана затоа што досега примија само 21 гол во 28 кола. Дури седум натпревари Фенербахче доби со резултат 1-0.

30 април 2015 - 11:36