Првиот официјален натпревар на едно Светско првенство меѓу „црвените ѓаволи“ и „триколорите“ се одиграл пред 80 години, на Мундијалот 1938 во Франција.
Репрезентацијата на домаќинот го отворила резултатот со голот н Емил Вејнан, а после 15 минути Жан Николја ја зголемил предноста на 2-0. Белгијците намалиле на 2-1 уште во првиот дел но Французите со нов гол на Николја славеле со конечни 3-1, и ја елиминирале Белгија од Светското.
Во следниот меч Франција изгубила од Италија која подоцна станала Светски првак.
***
Следната средба на селекциите на Белгија и Франција во рамките на Светско првенство се одиграла после 48 години: На Мундијалот 1986 во Мексико.
Белгија станала најдобра третопласирана селекција во својата група со два порази и една нерешена и благодарение на тој бод отишла во нокаут фазата. Во тој стар систем Франција славела против Унгарија и Канада, ремизирала со СССР и завршила втора во групата.
Во плејофот Белијците неочекувано го елиминирале СССР во драматичен меч кој завршил 4:3, а Французите со 2:0 ја победиле Италија. Во четвртфиналето и двете репрезентации некако поминале на пенали: Белгијците биле попрецизни од Шпанија, а „Галските петли“ од Бразил.
Големата ѕвезда на светскиот фудбал во тоа време, Мишел Платини не можел ништо против Германија во полуфиналето и Французите изгубиле со 2:0.
На друга страна, со ист резултат завршил и вториот полуфинален меч меѓу Аргентина и Белгија на кој Марадона дал два убави гола против „црвените ѓаволи“. На крајот Аргентина и Германија се сретнале во големото финале, а Французите и Белгијците морале да се докажат чија ќе биде бронзата на Светското 1986.
Јан Кулеманс го отворил резултатот со гол во 11’ минута но Ферери израмнил 16 минути подоцна. На две минути пред крајот од првиот дел легендарниот Жан-Пјер Папен им донел водство на Французите.
Мишел Платини не влегол на терен на овој натпревар, иако Белгијците во 73’ минута израмниле преку Нико Класен. Во основното време немало победник а во продолженијата репрезентацијата на Франција тргнала по триумф - ги притиснала противниците и прво во 104’ минута Женгини донел 3-2 а на крајот од менал Мануел Аморос ги поставил конечните 4-2.
Франција го освоила третото место на Светското 1986 и проклетството од полуфиналињата не можела да го тргне до 1998 година. За Белгија четвртото место на тој Мундијал 1986 и натаму е најголемото достигнување во историјата на нивниот репрезентативен фудбал на Светски првенства.
Којзнае, можеби Белгија вечерва ќе направи уште поголем успех?