Трансфер гуруто Бепе Марота

Неколку потписи го направија генералниот директор на Јувентус лидер на трансфер пазарот во Италија и со кои го заслужи авторитетот кај најверните навивачи на Бјанконерите.

Најзагреаните навивачи на Јувентус киснат по сајтовите и форумите посветени на Бјанконерите. Со оглед на тоа што Старата дама живее во подем во последните неколку трансфер преодни рокови, новинарите едноставно стојат пред вратите на торинскиот клуб и чекаат вест за нов играч.
 
Агуеро, Ван Перси, Стерлинг, Фалкао, Дракслер, Де Брујне, човек не може да ги запомни сите играчи кои се врзуваа со Јувентус. Генералниот директор на екипата стандардно изјавува: „Ја следиме ситуацијата“, „Времето ќе покаже“ и не додава ништо повеќе.
 
Како резултат на тоа, многу луѓе имаат впечаток дека Бепе Марота не е главен играч во преодниот рок. Сепак, списокот од 10 играчи кои ги довел Марота говорат нешто друго.
 
Штефан Лихштајнер

Дојде од Лацио за 10 милиони евра.
Статистика: 136 меча, 11 голови (2011-...)

„Швајцарскиот експрес" се насели на десната страна во Јуве од каде ги тероризира ривалите со брзо трчање. Веќе петта година е во базата на Јувентус, тим за кој даде гол на првиот меч. Еден од главните творци на ренесансата на Старата дама во сезоната 2011/2012.

Артуро Видал

Дојде од Баер Леверкузен за 10,5 милиони евра
Замина во Баерн Минхен за 37 милиони евра
Статистика: 124 меча, 35 голови (2011-2015)

„Кралот Артуро" 4 години верно му служеше на торинскиот клуб, иако разделбата беше неминовна. Неговиот лик и гневна игра често потсетуваше на Едгар Давидс. Храбро влегуваше во секој дуел, добиваше жолти и црвени картони но даваше и фантастични голови. Јувентус го продаде Чилеанецот 3,5 пати поскупо од што го купи.

Андреа Пирло

Дојде од Милан како слободен агент.
Замина во Њујорк Сити како слободен агент.
Статистика: 119 меча, 16 голови (2011-2015)

Зделка на векот. Така Џиџи Буфон го окарактеризира преоѓањето на легендата на Милан во Јувентус. Во Торино, Пирло ја доживеа втората младост. Филигрантски слободни удари, виртуозни центаршути, евроголови. Така ќе го паметиме Маестрото. Ветеранот Пирло му докажа на Галијани дека направил животна грешка што допуштил да си оди.

Пол Погба

Дојде од Манчестер Јунајтед како слободен агент.
Статистика: 109 меча, 25 голови (2012-...).

Од талент што ветува, поранешниот фудбалер на Ман. Јунајтед израсна во еден од најдобрите светски играчки од среден ред. Според последните гласини, Марота одбил да го продаде дури и за 100 милиони евра. Кога Јуве го донесе, на сметка на Манчестер платил некој номинален износ од 10.000 евра со кој англискиот клуб може да купи само разгледница од Французинот.

Карлос Тевез

Дојде од Манчестер Сити за 9 милиони евра.
Замина во Бока Јуниорс како слободен агент.
Статистика: 96 меча, 50 голови (2013-2015).

За релативно малку пари Јуве конечно доби топ напаѓач. Аргентинецот стана култна 10-ка на Старата дама. Многу на стадионот реагираа скептично на неговиот трансфер, но Апаче стекна бескрајна репутација со головите и асистенциите. Најзаслужен беше што Јуве се врати во самиот европски врв, по што реши да се врати во татковината.

Фернандо Љоренте

Дојде од Атлетик Билбао како слободен агент.
Замина во Севиља како слободен агент.
Статистика: 66 меча, 23 голови (2013-2015).

Светскиот и европски шампион во Јуве дојде бесплатно. Во првата сезона со Тевез се надополнуваа совршено: едниот одлучен и брз, другиот решителен и силен како столб. Во втората сезона доби конкуренција од Мората и го загуби местото. Во недостаток од натпревари беше незадоволен во сезоната 2014/2015 и Торино го замени за Андалузија.

Алваро Мората

Дојде од Реал за 20 милиони евра
Статистика: 75 меча, 22 голови (2014 - ...)

Шпанецот дојде за 5 милиони евра повеќе од цената за која дојде Матри (78 мечеви, 29 голови), а статистиките им се речиси исти. Истовремено Мората има само 23 години а Матри е многу постар. Го викаа новиот Раул, Кралскиот клуб сега би сакал да го врати и да ја исправи грешката, но Мората не сака да го напушти Торино.

Патрис Евра

Дојде од Манчестер Јунајтед за 1,5 милиони евра.
Статистика: 47 меча, 2 голови (2014 - ...).

Легендарниот Французин дојде во Италија наизглед да ја заврши кариерата, меѓутоа поради големото искуство и брзината совршено се вклопи во Јувентус и стана значаен дел од тимот. „Авторитетот на Евра се гледа на секој чекор", изјави Буфон.

Сами Кедира

Дојде од Реал како слободен играч.
Статистика: 12 меча, 3 голови (2015 - ...).

Уште еден светски првак кој дојде во тимот од Торино како слободен играч. По напуштањето на Пирло и Видал на екипата едноставно ѝ требаше квалитетен играч на центарот. Триаголникот Маркизио - Погба - Кедира барем по имињата изгледа многу силен, а Французинот ќе има причина помалку да биде нервозен поради тоа што сега место Падоин го има Германецот до себе на средината.

Пауло Дибала

Дојде од Палермо за 32 милиони евра.
Статистика: 30 меча, 15 голови (2015 - ...).

Најконтроверзниот трансфер на Мората минатото лето. Многу се пишуваше за претседателот на Палермо, ексцентричниот Маурицио Ѕампарина кој ги промовира своите играчи како никој друг. Сепак, пола сезона му требаше на Дибала да ги натера скептиците да се подзамислат. Младиот Аргентинец расте од натпревар во натпревар и неговиот трансфер кој фрлаше сомнеж на работата на Бепе Марота, го направи летниот преоден рок еден од најсупешните во Европа.

Практично за 10 играчи Мората потроши околу 80 милиони евра, при што половина од тие пари е сумата уплатена за Дибала. Колку за споредба, Стерлинг дојде од Ливерпул во Манчестер Сити за неверојатни 62 милиони евра, а Де Брујне за 74 милиони евра. Марота е заслужен и за трансферот на Бонучи кој дојде за 15 милиони евра и за Барѕаљи за кого Волсфбург доби од Јуве 300.000 евра и плус Диего. Навивачите на Јуве се сеќаваат на поранешниот директор Секо кој купуваше половни играчи како Поулсен, Амаури и Мело.