Ситуацијата во Парма
За шест месеци сезонава во Парма, Никола Поци одигра вкупно 55 минути во жолто-синиот дрес. Кога на Тардини завладеа беспарица, сите си отидоа, па си отиде и поранешниот напаѓач на Сампдорија, Никола Поци.
Киево го позајми Поци за смешни 1000 евра, а клубот од Верона е сигурен дека веќе во јуни ќе го има како свој играч под договор. Кризата во Парма ги натера Касано, Аква, Рисполи, Бидауи, Лукас Соуса, Фелипе, Де Челје, Палета и Кордаз да го напуштат клубот кој сè повеќе се лизга накај Серија Б. Меѓу нив и Стефан Ристовски кој повторно замина на позајмица во Латина.
Разочарувањето на денот беше Модибо Диаките', дефанзивецот кој како слободен играч отиде во Џенова, да потпише договор со Сампдорија. Само што влегол на клиника за медицински тестови пред потписот, тренерот Михајловиќ рекол дека тој не е право решение за клубот, по што му јавиле дека нема ништо од потписот. Диаките' излегол од клиниката, а надвор го чекале новинарите. Ни самиот не знаел што се случува и сега има 23 дена да си најде нов клуб.
Преведувач од арапски за Салах
Фиорентина сакаше што побрзо да го доврши договорот со Египќанецот Мохамед Салах од Челси. Салах на Артемио Франки дојде како дел од договорот на Куадрадо со Челси, но медицинските прегледи Фиорентина решила да ги заврши во Лондон. Сè било спремно за потпис, кога менаџерот на Салах побарал од Италијанците преведувач од арапски, за фудбалерот да види што пишува во договорот.
Среќа имало уште време до истекот на преодниот рок, па во Лондон се нашол преведувач од арапски на италијански, јазик на кој бил напишан договорот.
Едерсон недостапен на мобилен, го бара пола Италија
Сампдорија и Лацио се договорија да ги трампаат Бергесио и Едерсон. Првиов прифати да го предводи нападот на Лацио, а вториот не сакал да слушне за заминување. Дента кога требал да потпише го немало никаде, а не се јавувал ниту на повиците на Игли Таре, Синиша Михајловиќ, Стефано Пиоли и претседателот Клаудио Лотито.
„Едерсон знаеше за договорот со Сампдорија, но не сакаше да се пресели и затоа не креваше на мобилен. Ниту на нашите повици, ниту на оние од Сампдорија. Штета што поради него го пропуштивме Бергесио“, изјави Игли Таре за Скај спортс.
На крајот од денот, кулминација беше изјавата на Хорхе Мендез, агентот на Кристијано Роналдо, кој вчера ладно изјави дека „Кристијано вреди 300 милиони фунти, па кој сака нека повели“.