На 24 февруари 2010-та навивачите на Интер ја славеа победата против Челси од 2:1 во првата осминафинална пресметка од Лига на шампиони. Десет дена претходно очите на англиската спортска јавноста беа вперени на Скај 1.
Таа ноќ се одржа реалното шоу „Football's Next Star“ наменето за британски таленти по фудбал. Најдобриот не добива пари, топка или дрес, туку нешто посебно и незаборавно, а тоа е шест месечен договор со Интер кој во тоа време цветаше со Мурињо и стигна до историска тројна круна.
Од 22.000 кандидати кои се пријавија, среќникот беше Бен Грунхалг, 17 годишниот кој од англиската аматерска екипа Велингтон Јунајтед стана дел од Интер Примавера, а доби можност да тренира и со првиот тим.
Изданието на шоуто таа година е запеметено како уникатна комбинација помеѓу реалноста и фантазијата, а тоа му оствари желба на едно момче за која дотогаш можел само да сонува. Го водеше поранешниот играч на Ливерпул и Тотенхем, Џејми Реднап, а во комисија беа Виера, Матераци и Лусио.
Осум години подоцна Бен се сеќава на таа незаборавна и највозбудлива епизода од неговиот живот.
„2010-та година ќе остане вечно во мојата меморија. Остварување на сон бидејќи од играње аматерски фудбал имав можност на само 17 години да потпишам професионален договор. Покрај другото, тоа искуство ми овозможи да запознаам многу луѓе со кои живеев заедно и со кои функциониравме како семејство. Со повеќето од нив одржувам контакти преку Твитер“.
Откако по пат на елиминација Бен стигнал до најтесниот круг од топ 10, учесниците требале да го минат последниот круг на езерото Комо во Италија. Таму се бореле за професионален договор преку разни вештини со топка, лекции по италијански јазик и други способности со кои требале да покажат дека може да се справат со италијанскиот начин на живот.
„Тренерот на Интер Примавера Марко Монти ни беше како татко на сите натпреварувачи. Тој беше строга, но љубезна личност која ни ги загреа срцата. До ден денес ми остана тоа од него што ме научи дека е најважно е да не играм со страв. Се сеќавам и дека ме однесе на ручек со неговото семејство“.
По шест месечното искуство во Интер, патешествието на Грунхалг во Италија не завршило, бидејќи од таму го пратиле на шест месечна позајмица во третолигашот Комо. Таму се покажал во одлично светло и на 12 меча постигнал 8 голови.
„Имав понуди од Серија Б и Серија Ц, но тоа беше лошо време за пониските лиги во Италија бидејќи тогаш има скандали со местење натпревари и слаба посета, а многу клубови не можеа да ги платат своите играчи. Затоа не сакав да останам и да ризикувам“.
Англиската фудбалска ѕвезда од тв екраните открива дека после победата во шоуто имал понуда од Тотенхем и тоа директно од Хари Реднап.
„Се сеќавам дека откако победив Џејми Реднап ми рече дека е на телефонска линија со татко му Хари кој ако не победев на шоуто ќе ми понудеше 2 годишен договор. До ден денес би сакал да ја прифатам таа опција затоа што би бил дома, во Англија каде од секогаш сакав да играм фудбал и да направам кариера. Но не можев да го одбијам Интер. Да се биде дел од резервите на таква екипа значи шанси за враќање бидејќи бев дел од радарот. Тоа што бев дел од клубот кој ја освои тројната круна е нешто што не може уште да го свари мојата глава“, вели Бен.
По завршувањето на едногодишната авантура, Бен продолжи да игра фудбал во пониските лиги во Англија, а тоа што имал можност на тренинг да го чува играч од калибарот на Виера вели дека му помогнало да не чувствува притисок кога игра фудбал.