Летово поминува не баш најдобро по Челси. Клубот кој минатата сезона не обезбеди пласман во Лига на шампиони, до средината на јули се влечеше со отказот на Антонио Конте кого на крајот го замени Маурицио Сари.
„Сините“ во неделата изгубија на дебито на италијанскиот тренер од Манчестер Сити во Супер Купот (0:2), а што е уште поважно клубот нема решено ниту едно сериозно трансфер прашање по Светското и тешко да успее до крајот од преодниот рок.
Во такви услови, неколку лидери на Челси размислувале да заминат: Еден Азар, Вилиан и Тибо Куртоа кои се на мета на шпанските топ-клубови.
И ако Вилиан пред неколку дена потврди дека одбил голема понуда од Барселона и дека решил да остане, Азар ништо не потврдил, а Тибо Куртоа е цврсто одлучен да си отиде. И за таа цел Белгиецот се служи со проверени методи кои му успеале пред неколку години.
Одиме по ред:
- Реал Мадрид му понудил на Челси 35 милиони (фунти) за голманот. Агентот на Куртоа минатата недела изјави дека Белгиецот сака да се пресели во Мадрид за да биде поблиску до ќерката која живее во Шпанија.
- Во неделата тренерот Сари на тоа одговорил: „Мене не ме интересираат агентите, сакам да го слушнам тоа од Куртоа лично. Ако тој мене ми го каже истото, тогаш ќе мора да разговараме за тоа. Мене ми требаат само најмотивирани играчи“.
- Но да се слушне Куртоа лично не е така просто. Во неделата Куртоа бил должен да биде на трибините на „Вембли“ и да навива за своите во Суперкупот, но тој останал во Белгија на продолжен одмор после Светското. Во понеделникот Сари го чекал Тибо на тренинг, но Белгиецот не дошол ни таму.
- Ситуацијата многу наликува на минатогодишната теленовела со Диего Коста кога на тренерот Конте му прекипе и го избрка центарфорот.
Но нешто друго е поинтересно: на ист начин Тибо Куртоа дошол во Челси пред 7 години. Белгискиот Генк, првиот клуб во кариерата на Тибо кој тогаш имал 19 години соопштил дека Куртоа не се појавил на пријателскиот меч со Лион и не дошол на неколку тренинзи. Тоа му бил еден вид штрајк и обид да го натера клубот да се ослободи од него и да го продаде.
Тогаш се јавил Челси со понуда од 9 милиони евра така што голем скандал не избил и Куртоа потпишал со англискиот клуб. Необично, во неделата Тибо наместо на „Вембли“ бил на гости во својот стар клуб Генк.
- Судејќи по сè, Куртоа и овој пат ќе си го добие бараното. Маурицио Сари е жесток тренер кои не простува такви работи, а клубот веќе некое време бара замена за Белгиецот.
Џордан Пикфорд одамна отпадна зошто Евертон не сака да слушне, па прв кандидат на тимот од „Стемфорд Бриџ“ е репрезентативниот голман Џек Батленд, голман на испаднатиот Стоук. Меѓу варијантите се спомнува и голманот на Севиља, Серхио Рико.
Проблемот се јавува во тоа што Реал може да го чека Куртоа до крајот од овој месец кога завршува преодниот рок во Шпанија, а Челси е должен да најде замена до четврток.
Во моментов прв голман на „Сините“ е истрошениот ветеран 36-годишниот Вили Кабаљеро кој бранеше за Аргентина на Светско, 38-годишниот Англичанец Роберт Грин и 18-годишниот Полјак Марчин Булки.