
Во 2018-та година репрезентацијата на Хрватска беше една од најдобрите на свет. Стигна дури до големото финале на Светско првенство во Русија. На големиот спектакл пристигнаа и претседателите на двете земји, Колинда Грабар-Китаровиќ и Емануел Макрон.
Колинда тогаш го освои светот со својот изглед, облечена во хрватски дрес емотивно навиваше за „коцкестите“. Но поранешната хрватска претседателка не беше единствената жена на главна сцена рамо до рамо со Лука Модриќ, Златко Далиќ и другите хрватски репрезентативци.
Во репрезентацијата веќе повеќе од 30 години многу важен елемент е и 55-годишната Ива Оливари. Таа е со Хрватска уште од времето на Звонимир Бобан и Давор Шукер, а го начекала и Лука Модриќ како 15-годишник.
Тета Ива е една од најважните луѓе во репрезентацијата.
ОЛИВАРИ И УШТЕ ЕДНА ЖЕНА РАБОТЕЛЕ ВО ХРВАТСКИОТ ФУДБАЛСКИ СОЈУЗ УШТЕ ОД ПРВИТЕ ДЕНОВИ НА ОСНОВАЊЕ
За раната младост на Ива хрватските медиуми не пишувале многу. Таа извесно време се занимавала со тенис. Била државен шампион во категорија до 14 години а на турнир во Германија еднаш ја победила дури и Штефи Граф. Ива веројатно би направила голема кариера да не ја спречеле повредите.
„Многу луѓе викаа дека имам голем талент но после тешки повреди засекогаш завршив со тенисот“, рекла таа.
Таа едно време живеела во САД, а во 1991-ва година се вратила во родната Хрватска, период во кој многумина бегале од земјата поради војната.
Случајно нашла работа. Еднаш листала весник и начекала оглас за работа од Хрватска фудбалска федерација. Младата Ива се пријавила и веднаш ја добила работата. Набрзо во сојузот се запознала со уште една дама, со Иванчица Судак.
Таа се вработила во федерацијата неколку месеци претходно. Судак штотуку дипломирала на Правен факултет и воопшто не ја интересирал фудбал, но прифатила да работи во фудбалскиот сојуз (HNS). По распадот на Југославија, Хрватска започнала самостоен пат во светот на спортот а познавањето странски јазици на Ива Оливари многу добро и дошло (знае перфектно француски и англиски).
Токму од овие две млади дами се состоел меѓународниот сектор во ХНС.
ФИФА во 1991-ва и официјално ја примила Хрватска како нова членка. На сојузот му претстоела огромна бирократска работа, морале да се преведат илјадници документи хрватски и меѓународни првила, да се пратат прашања и дописи до ФИФА итн. Ива пишувала во тоа време на стара „куцеча“ машина за пишување. После некое време им донеле компјутер.
„Конечно можевме да корегираме грешка а не цел лист одново да го пишуваме. Чувството беше како да сме се преселиле во вселенски брод“, се сеќава Ива.
ПРВА ЖЕНА НА КЛУПАТА НА ХРВАТСКА
Постепено хрватската фудбалска федерација растела и двете дами станале се поблиски до репрезентацијата. Во 1996-та година Хрватите се пробија на својот прв голем турнир, Европско првенство.
Судак и Оливари патувале со репрезентацијата на Европско во улога на делегати. Така било и на Светско 1998 кога Хрватска го забележа најголемиот успех во историјата: 3 место на Мундијалот во Франција и бронзен медал.
Паралелно со репрезентацијата блескале и кариерите на двете дами.
„Тоа беше неверојатно важно зошто нема подобра дипломатија од спортот. Сто работи не можат да направат една работа како што можат двајца-тројца спортисти“, рекла одамна во интервју за The New York Times Иванчица Судак.
Понатаму кариерите им тргнале по други пат. Иванчица стигнала до топ-менаџер во УЕФА, а Ива во 2002-ра станала постар менаџер на репрезентацијата и главен оперативец долу на терен.
Во тоа време првпат се сретнала со шовинизам. Раскажала за тоа за францускиот AFP. „Понекогаш слушав работи како: „Маж подобро би го сработел тоа“ или „Она не се разбира во фудбал“. Но не обрнував внимание и се концентрирав на работата“.
Во 2012-та година се случил голем настан за хрватскиот фудбал. Сојузот го презеде легендарниот Давор Шукер кој знаел колку е тета Ива важна за репрезентацијата. После четири години била унапредена во уште повисока функција.
На Европско 2016 Ива Оливари стекнала можност да седи на клупа со репрезентативците и стручниот штаб. Станала прва жена во историјата на хрватскиот фудбал која била дел од стручниот штаб.
„Првпат седев на клупата во Париз кога игравме со Турција. Бев пресреќна. И од можноста да бидам толку близу до теренот и до екипата и од победничкиот гол на Лука Модриќ“, се сеќава таа.
Блескала од среќа и во 2018-та кога Хрватска стигна до големото финале. Претходно во полуфиналето на преполниот „Лужники“ Манџукиќ им донесе победа на „коцкестите“ со гол во 109’ минута од продолжението. Тогаш цел стручен штаб истрча на терен да слави со играчите. Меѓу нив и тета Ива.
„Засекогаш ќе го паметам тоа. Иако не се сеќавам што се се случуваше. Такви силни емоции никогаш не сум доживеала. Неколку пати лизгав по влажната трева, цела бев во кал но што има врска кога нашите момци влегоа во финале?“, изјавила за хрватски 24sata.
ОЛИВАРИ ЈА ВИКААТ АНГЕЛ-ЧУВАР ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
Ива има рутина веќе долги години. Таа организира хотели, сместување, прелетување, трансфери до аеродром. На гостински натпревари доаѓа неколку дена пред репрезентацијата и проверува дали се е во ред со хотелот, теренот, стадионот, автобусот.... Понекогаш ако има време шета по градот во кој дошла.
На големите турнири тета Ива поминува долго време со репрезентативците. Понекогаш некои од нив со цел да се ослободат од големиот стрес и се исповедуваат, и кажуваат работи, разговараат за да им олесни.
Таа во шега вели дека ако за Звоне Бобан и Давор Шукер била како сестра, сега за оваа генерација е како мајка. Многу играчи така и ја викаат. Тета Ива.
„Дечките се сјајни. Многу ги сакам и ме уважуваат. Со претходните генерации фудбалери бев како сестра со браќа зошто бевме иста возраст. А овие дечки ме викаат тета Ива“.
За тоа колку е важна за репрезентацијата покажува и една епизода. На 9 септември, денот кога му е роденден на Лука Модриќ кој на тој датум обично е со репрезентацијата при репрезентативна пауза, често го слави со соиграчите. Тортата секогаш ја нарачувала тета Ива, а овојпат во 2022-ра решила да му честита роденден со торта со пет ѕвездички од Лига на шампиони колку што Лука има со Реал Мадрид.
Таа го знае Лука уште од 15 години и го памети добро. Од бегство од војната и селење од родниот град до академијата на Динамо па се до Тотенхем и големиот Рел. Ива се сеќава кога имала збор пред цела репрезентација.
Плачела од возбуда.
„Ива е навистина прекрасна личност. Секогаш е со нас. Таа е наш ангел-чувар. Ја знам десет години. Тешко е да се управува со сите нас, но Ива одлично се справува. Таа секогаш сака да се шегува а ние ја обожуваме“, вели поранешниот голман Даниел Субашиќ.