СП 2018

Темпераментот му е средно име, го свиреа, ама одигра топ

Класичната непромисленост која е така карактеристична за некои фудбалери, е само една од карактерните црти на стоперот на Хрватска кој се носеше со голем притисок пред 78.000 гледачи на „Лужники“ и на крајот излезе како победник.

Пред шест години, Домагој Вида се возел со клупскиот автобус на Динамо Загреб кон градот Врсар каде играле во Купот. После пет минути возење од тричасовниот пат, Вида од ранецот извадил пакет пива и викнал како што викна синоќа на Лужники откако Турчинот Чакир три пати дувна во свирчето за крај.

Тогашниот тренер на Динамо Анте Чачиќ кога видел, му наредил на возачот да застане. Овој застанал, а после неколку минути Вида стоел на тротоарот на улицата „Вуковарска“ со спортски ранец до нозете.

Екипата продолжила на гостувањето без него а од клубот му кажале на Домагој дека е казнет со неверојатни 100.000 евра.

Од тој момент Вида и Чачиќ ги расипале односите. На еден од тренинзите, тренерот му кажал некоја вежба, но Вида ништо не разбрал и наместо сложена комбинација со соиграчите, се залетал и распалил по топката.

„Вида, ти имаш нешто против мене?“ - го прашал Чачиќ, а Домагој премолчил. Одговорот стигнал во автобусот на патот до гореспоменатиот Врсар.

Проблем со љубовта кон пивото Вида немал само пред важниот меч од Купот на Хрватска, туку и за време на плејофот во хрватската лига. А колку пивото може да го понесе во еуфорија се докажа и на Мундијалот каде имаше пар неспретни изливи на емоции кои Русите ги сфатија како навреда.

Токму затоа се што беше руско на стадионот „Лужники“ во Москва синоќа му свиреше колку што го држи снага. Но до 40’ минута од првиот дел Русите просто не успеваа подолго да му свират (иако свирежите дупнуваа уши), затоа што Вида играше со еден до два контакти и тоа идеално точни.

Каков беше синоќа на теренот?

- Го стави еден од најбрзите фудбалери во Премиер лигата Рахим Стерлинг во џеп. Вида е „крив“ што 10-та на Англија имаше само еден удар кон голот на Хрватска и тоа дури во 36’ минута кога одбраната на „коцкестите“ го блокираше.

- Вида играше фластер и на Рашфорд кој влезе во 74’ минута. Свежиот Рашфорд е многу незгоден за чување но не успеа да го пробие Домагој во моментите кога Англија играше со играч помалку зошто немаа право на замена, а Трипие излезе повреден.

- Најдобриот стрелец на Мундијалот Хари Кејн синоќа не се виде затоа што секоја втора топка кон него ја кратеше Вида. Во 104’ минута Вида (висок 184 см) освои неверојатен дуел против Хари Кејн кој е една глава повисок (188 см).

Најбрзиот спринт кој Вида го имаше синоќа беше кога полета кон хрватската трибина да ја слави победата. А втор најбрз на мечот му беше кога се стрча да го прослави вториот гол.

****

Во Хрватска Вида има чудна репутација.

Од една страна го сметаат за еден од највредните во репрезентацијата кој никогаш немал ниеден конфликт со соиграчите. После мечот со Данска во Нижни Новгород кога Хрватска славеше драматично после пеналите, Вида трчаше со голманот Субашиќ качен на грб. После Исланд Вида се качи на маса во хотелот и танцуваше.

После Англија го бакнуваше фотографот кој го соборија додека славеа. Хрватските новинари раскажуваат дека Јосип Пивариќ бил страшно вознемирен кога дознал дека е на списокот изведувачи пенали против Русија во четвртфиналето.

„Дај ми ја топката мене“, му рекол Вида на Пивариќ и после неколку минути му ја искина мрежата на Игор Акинфеев.

Од друга страна Вида го следат и непријатности. Освен историјата со пивото во автобус, Домагој имаше и чудно намигнување кон фудбалерот на Лион Бафетимби Гомис по еден примен гол во Загреб кога Динамо изгуби со страшни 1:7 од францускиот клуб во Лига на шампиони. УЕФА тогаш отвори истрага за евентуално местење на резултатот но не нашле никакви докази.

Велат дека после тој настан многу клубови не сакале да имаат проблем со УЕФА и престанале да мислат на трансфер на Вида.

Реномираниот хрватски спортски новинар и уредник на сајтот Telesport, Александар Холига е уверен дека Вида немал намера да навреди некого кога во соблекувалната на стадионот “Фишт“ во Сочи викаше „Слава Украини“:

„Тоа беше една од оние глупости кои ги прават фудбалерите. Мислам дека Вида не го сфати контекстот и смислата на фразата која што ја изговори“, вели Холига.

Во разговор со репортерот на Мондо.рс синоќа Вида го потврдил истото:

„Кога спомнувам Белград, тоа беше поздрав за кафе барот ’Белград’ кој е во Киев и го држи мојот другар Јово. Во Киев бев пет години и стекнав многу пријатели. Таму се собираат наши, Балканци и тоа видео беше за нив. Жал ми е што испадна проблематично. Не сакав да навредам никого, поготово не Русите. Не размислив добро, бев со зовриена глава, но немаше ништо лошо. Во Белград имам многу пријатели. Играв со многу дечки од Србија. Би го издвоил Радосав Петровиќ кој е сега во Португалија и со кој се слушам секој ден. Играв и со Александар Пантиќ во Динамо Киев. Ние не познаваме разлики на терен ни надвор од него... Дали е некој Србин, Хрват, Русин, Украинец или Бразилец... Сите сме пријатели. Некогаш соиграчи, некогаш противници но секогаш луѓе. Многу се почитуваме и сакаме“, изјавил Вида во микс зоната.