Тампон зонатa нa јужна ќе биде со знаме на УЕФА

Откако вчера објавивме слика со поставена ограда на јужната трибина и напишавме дека тоа ќе биде тампон зона меѓу турски и македонски навивачи, имаше реакции дека тоа не е точно. На пресот на Вардар објаснија и знаете што ќе биде? Тампон зона.

Со оглед на тоа што од ФК Вардар ја сменија одлуката околу цените на влезниците, како и планот јужна трибина да биде отстапена на навивачите на Фенербахче, на култната трибина на скопјани ќе има и домашни и гостински навивачи.
 
За тие да бидат одвоени и да се избегнат инциденти на јужната трибина, затворен ќе биде блокот 4. Вчера објавивме дека тоа ќе биде тампон зона, но ете за да бидеме попрецизни за тие што бараат влакно во јајцето, ова е објаснувањето за тој дел од трибината.
„ФК Вардар без разлика на сите финансиски и дисциплински мерки кои ги доби од УЕФА најмногу вложува во безбедноста и сигурноста на посетителите на натпреварите. Така ќе биде и за утрешниот натпревар, на кој ќе има околу 400 редари ангажирани за безбедноста На Јужната трибина затворен ќе биде блокот 4, кој ќе биде на некој начин една „тампон зона“ меѓу турски навивачи, кои ќе бидат сместени во блоковите 5 и 6, како и македонските навивачи кои ќе бидат во блоковите 1, 2 и 3. Низ блокот четири ќе има платно на кое ќе стои знаме на УЕФА, со слоганот „кажете не на расизмот“, изјави на синоќешната прес конференција, директорот на Вардар, Самоил Симев.

Инаку македонскиот шампион на својот сајт соопшти дека мечот со Фенербахче ќе биде организиран по примерот на Супер Купот на Европа кој на 8 август се одржа во Скопје и информираше за уште неколку работи во очи на плејоф мечот од ЛЕ.
„Уште еднаш Ве потсетуваме за казните кои ФК Вардар ги доби од страна на УЕФА за минатите два натпревари, за истакнување на неонацистички знамиња, за употреба на пиротехника, за седење на скали и за извикување против УЕФА.
 
Сега би сакале да Ве информираме дека при влезот ќе бидат одземени секаков вид на знамиња и пиротехника, и дека секој оној кој ќе седи на скали, ќе биде веднаш отстранет од стадионот од страна на обезбедувањето.
 
Ве молиме за фер и коректно навивање за да го заштитиме нашиот клуб од нови казни од УЕФА.
Воедно информираме да не носите цврсти предмети како запалки, ситни парички и разни предмети.
 
Околу стадионот за време на натпреварот ќе има посебен режим за движење на пешаци, а до стадионот со автомобили може да влезат само имателите на акредитација за паркинг.
 
Вратите на стадионот ќе се отворат во 17 часот, а ќе бидат затворени на во 19:30 часот, на 30 минути пред почетокот на натпреварот“.
17 август 2017 - 11:17