Тајните на Сер Алекс

Алекс Фергусон повеќе не е тренер на Манчестер Јунајтед, но неговата сенка продолжува да се простира над Олд Трафорд и над целиот фудбалски свет. Легендарниот Шкотланѓанец ги откри тајните на неговиот менаџерски поход до 38 трофеи.

Веројатно најдобриот менаџер во историјата на професионалниот фудбал беше тема на академско истражување на професорката Анита Елберс од Харвард Универзитетот. Сер Алекс соработувал со професорката во изработка на нејзиното дело објавено во Harvard Business Review во кое Фергусон ги открива своите тајни методи на работа со кои тој го оствари успехот во кариерата.

1. Почни од основата
Од моментот кога дојдов во Манчестер Јунајтед, мислев само на едно нешто: да изградам еден фудбалски клуб. Сакав да го изградам од самото дно. Првата мисла на 99% од новоназначените менаџери е да победуваат на натпревари и почнуваат да носат фудбалери. Во некои клубови доволно е да изгубиш на три натпревари и да добиеш отказ. Во денешниот фудбалски свет нема сопственици кои ќе имаат трпение да го чекаат менаџерот четири години да изгради тим. Победата на еден натпревар е само краткотраен успех, а градењето на клуб носи стабилност.

2. Постојано обновување на тимот
Ние ги делиме фудбалерите на 3 групи: фудбалери над 30 години, од 23 до 30 години и помлади. Идејата е младите да се развиваат и да го достигнат нивото кое постарите го поставиле. Сметам дека циклусот на успешен тим може да трае четири години и потоа е потребна промена. Ние го планиравме тимот однапред за следните три или четири години.

3. Подигни го скалилото погоре
Фудбалерите не треба никогаш да се предаваат. Им велев: Ако еднаш се предадеш, ќе го сториш тоа и втор пат". Имав најголеми очекувања од ѕвездите во тимот. Суперѕвездите со големо его не се толкав проблем како што мисли народот. Тие сакаат да победуваат затоа што тоа им го скокотка егото и тие ќе сторат се за да победат. Фудбалери како Роналдо, Бекам, Гигс и Сколс тренираат толку напорно со часови што требаше на силе да ги бркам од теренот.

4. Никогаш не ја испуштај контролата
Ако дозволев фудбалерите да донесуваат одлуки тогаш Манчестер Јунајтед немаше да биде тој клуб кој ние сега го познаваме. На никого не му дозволував да биде посилен од мене. Менаџерот треба да биде поголем од играчите. Ако тренерот нема контрола тогаш тој нема да издржи долго.

5. Охрабрувањето има голем ефект
Никој не сака да биде критикуван. За секое човечко суштество нема ништо подобро од тоа да слушне „Браво, добро сторено!" Во исто време треба да ги посочиш и грешките кога играчите не одговараат на очекувањата. Јас тоа го правев за време на натпреварот. Кога победуваш е лесно, но кога губиш треба да ги охрабриш фудбалерите. Стравот е дел од играта, но ако фудбалерот игра со страв, тој нема да се претстави во најдобро светло. Треба да играш различни улоги во различни момент. Некогаш си доктор, некогаш учител или татко.

6. Упорност за победа
Победата е во мојата природа. Дури и петмина најдобри фудбалери да ми беа повредени јас ќе очекував победа. Сакам да ризикувам и тоа можете да го видите од начинот на кој што игравме во последните минути на многу натпревари. Сите мои фудбалери мора секогаш да се упорни и никогаш не се предаваат.

7. Моќта на набљудувањето
Моите помошници во Абердин ми предложија да не ги водам сите тренинзи и јас прифатив. Тоа е една од најдобрите одлуки во кариерата. Помошниците ги водеа тренинзите, а јас набљудував. На тој начин можев да видам многу повеќе и да им обрнам повеќе внимание на фудбалерите.

8. Не престанувај да се адаптираш
Кога ја почнував кариерата, немаше агенти, сите натпревари не ги пренесуваа на телевизија, медиумите не ги издигнуваа фудбалерите до нивото на филмски ѕвезди и не пишуваа постојано приказни за нив. Стадионите сега се подобри, терените се во одлична состојба и спортската наука има големо влијание на начинот на кој се подготвуваме. Сопствениците од Русија и Блискиот исток донесоа многу пари во фудбалот и прават притисок врз менаџерите. И играчите сега водат друг живот и се многу покревки и повеќе се подложни на повреди од пред 25 години. Има големи промени во фудбалот и мора постојано да се адаптираме. Најдобриот начин да се справиш со промените е да ги прифатиш, без разлика дали тоа ви одговара или не.

13 септември 2013 - 14:56