Таинственото повлекување на голманот на Мароко

Натпреварот Белгија - Мароко започна неочекувано и заврши неочекувано. Во стартниот состав на Мароканците беше пријавен голманот на шпанска Севиља, искусниот Јасин Буну кој во прво коло бранеше против Хрватска.

Медиумите и натаму се занимаваат со чудното, таинствено повлекување на голманот на Мароко кој излезе на терен пред мечот Белгија - Мароко, дури и ја испеа химната но не го почна мечот.

Јасин Буну дури и беше во подтрибинскиот простор пред да излезат на терен, се спремал и разговарал со судиите. На терен ја испеал и химната.

Но на голот во еден момент застана голманот Мунир Мохамеди од клубот Ал Вахда, резервен чувар на мрежата на Мароко.

Мунир кој е роден и долго време бранел во Шпанија почна од стартот и беше можеби најзаслужен за големиот триумф на Мароканците против силната Белгија (2:0).

ШТО ТОЧНО СЕ СЛУЧИЛО?

Буну имал вртоглавица и побарал замена уште пред мечот официјално да почне. Мавтал кон клупата и сигнализирал измена иако ја испеал химната неколку секунди претходно.

„Судијата кажа дека е можно да се дозволи една измена до судиската свирка за почеток после химните за да не ја изгубиме (измената) за подоцна. Уште ми се врти во глава но подобро ми е“, рекол Буну после мечот.

Селекторот на Мароко, Валид Реграги на прес-конференција дал детали:

„Буну заработи повреда на мечот со Хрватска, се обидовме да го спремиме за мечот но во текот на излегување на терен почуствувал болки во главата и вртоглавица па побарал измена. И така е најдобро отколку да одиграше 10 минути и да кажеше потоа дека треба измена. Исправно постапи“.

Одличниот бек на Баерн Минхен и Мароко, Нусаир Мазрауи во интервју за CNN Arabic после мечот рекол:

„Искрено не знам што се случи со него, ние бевме посветени на натпреварот. Благодарам на нашиот втор голман Мунир кој влезе без загревање, направи неколку клучни одбрани и ни помогна да победиме“. 

Интересно и Буну (31) и Мунир (33) имаат ист речиси ист број настапи за Мароко (првиот 47, вториот 44). Но во последно време играше Буну, а Мунир два пати годинава влегол бранел од почеток: во јануари на Куп на Африка (2:2 со Габон) и во марти во 47 минута со ДР Конго во баражот за пласман на Светско првенство.

Мунир има искуство од Мундијал 2018, бранеше на сите три натпревари против Иран, Португалија и Шпанија.

Тој против Белгија имаше три одлични одбрани и беше најзаслужен што Мароко победи 2:0 со головите на Абделхамид Сабири и Закарија Абухлај кои влегоа од клупа исто, но во вториот дел и постигнаа по гол.

На Светското првенство имаше веќе неколку смени на голмани. Голман среде меч менуваа Иран и Велс. Првиот прими шест од Англичаните а вториот за 10 минути прими два гола од Иранците.

28 ноември 2022 - 14:58