Херман Делфино пред неколку дена на дуелот Велез - Арсенал (1:1) ја поништи својата одлука да досуди пенал за домаќинот и да исклучи одбранбен фудбалер на гостите, затоа што помошникот му јавил дека погрешил по што отишол да ја види забавената снимка.
Делфино досуди пенал за Велез и му даде втор жолт картон на фудбалерот на Арсенал Даниел Валенсија поради наводно играње со рака во казнетиот простор. Линискиот судија го видел спорниот момент и видел дека со рака играл напаѓачот на домашните Мариано Павоне и го известил главниот судија.
Делфино ја смени одлуката, го поништи пеналот и го врати во игра Валенсија, а жолт картон му даде на Павоне.
„Совеста ми е чиста. Знам дека беше спротивно на правилата, но мојата одлука беше праведна и мирен сум“, изјавил кратко Делфино после мечот.
Поради оваа одлука, еден од тројцата најдобри судии во Јужна Америка е казнет од страна на ФИФА и Фудбалскиот сојуз на Аргентина затоа што и двете федерации строго забрануваат употреба на ТВ технологија при носење на одлуките.