Ждрепката за Лига Европа во последната сезона од кариерата на Петр Чех му достави носталгичен мотив.
Арсенал падна со Рен, клуб кој му го отвори патот на Чех за голема европска кариера. Во францускиот тим чешкиот голман дојде во 2002 година од Спарта Прага, замина после две сезони за да стане легенда на Челси и Премиер лигата, и им најде негова замена, исто од Прага.
„Кога ждрепката ја влече голман, се случуваат убави нешта“, твитна Чех на англиски, француски и шпански за да му заблагодари на Андрес Палоп, легендарниот голман на Севиља во 2000-те.
*****
Во првата француска сезона, Петр Чех со Рен едвај избори опстанок во Лига 1. Во втората завршија на средина на табелата.
Рен не блескаше во одбраната, но за тоа не беше крив Петр, напротив. Романскиот тренер на Рен, Ласло Белени тогаш рекол: „Во своето поле Петр беше добар како Роналдо во противничкиот шеснаесетник“.
Во последниот меч за Рен, Чех го сменија на пар минути пред крајот, со цел да ја почуствува сета љубов од навивачите и благодарност од цел стадион.
Но Чех не ја прекинал врската со Рен.
Во Бретања тој се запознал со Кристоф Лолишон, тренер на голманите во Рен кој најмногу влијаел на кариерата на легендарниот Чех.
Кристоф и Петр идеално се нашле, карактерите им биле слични и една сезона во Рен прераснала во долгогодишно пријателство и соработка дури и во Челси.
Освен љубовта кон историја и јазици, Петр и Кристоф многу се поврзале и од интересот за развој.
Лолишон гледал методи на тренинг во други спортови и ги адаптирал специјално за да му помогнат на Чех на теренот. Така на пример во базата на Челси се појавила модерна машина која автоматски брзо пушта топки за голманот да ги брани.
Лолишон смислил и други необични тренинзи кои репрезентативниот голман на Чешка го направиле врвен чувар на мрежата.
Дури ни 13 години по заминувањето од Рен и освоени 4 титули во Премиер лига, 4 ФА Купа и една Лига на шампиони, Чех не заборавил на Рен. Им го препорачал најталентираниот чешки голман Томаш Коубек, резервен голман на Чешка кој во Рен дојде во 2017 исто од Спарта Прага.
Како што пишувал L’Equipe, Чех бил посредник, на Рен му објаснил за Коубек а на сонародникот за клубот и средината која ќе му помогне во развојот.
Помошта тука не застанала. Петр му пратил на Томаш прирачник за француски јазик и го убедил да го научи јазикот (Чех одлично зборува четири јазици: англиски, француски, германски, шпански). Коубек го послушал и го изненадил тренерот на голманите во Рен Оливие Сорин:
„Кога играч кој само што дошол се труди да го научи јазикот на земјата во која доѓа и кој учи дури и за времето на ручек, сфаќаш дека е прекрасен човек. При првата средба ми пружи рака и на француски ми кажа: „Здраво, јас сум Томаш, мило ми е да се запознаеме. На француски не на англиски“.
Томаш Коубек набрзо станал прв голман на Рен. Во првата сезона тимот заврши 5 место во Ла Лига, а Чехот на 34 меча дури 10 пати го сочувал голот. Имал процент на одбрани 72,5%.
Како и за Петр Чех, дуелот меѓу Рен и Арсенал беше посебен и за Коубек кој бранеше против неговиот идол.
„Петр Чех е голман и човек кој влијаеше на многу од нас. Кога Чешка заврши трета на Европското 2004, јас благодарение на него сфатив дека сакам да бидам голман. Денес тој е легенда меѓу голманите. Се трудам да одам по неговите стапки но сфаќам дека е невозможно да се споредувам со неговата кариера. Благодарение на него добив шанса“, напишал 26-годишниот Томаш на инстаграм.