За Драгиша популарен како Коле не разбра само Србија, туку цел свет затоа што за неговата необична кариера интерес покажаа и од агенцијата Франс Прес кои му посветија целосна репортажа.
Се работи за 66 годишен пензионер кој живее и дише со фудбалот и покрај тоа што е далеку излезен од временската рамка за да се бави со тоа.
Член е на Пролетер Меѓа кој во моментов се наоѓа во шестата српска лига и секоја недела ги обавува своите клупски обврски. Најјакото е што секоја сезона ги поминува ригорозните медицински тестови кои ја проверуваат неговата подготвеност.
„Мислам дека нема пријавени играчи на моја возраст, а ако ги има би сакал да ги запознаат и да одиграме натпревар“, вели Косниќ.
Тој живее во селото Меѓа кое се наоѓа помеѓу Ниш и Лесковац во куќата каде што е роден, зема пензија од 130 евра, вози Југо и оди на натпревар со излитени копачки, а исхраната му е претежно млечна. Чува неколку кози и овци.
„Никогаш не се лишам од млеко и пијам секој ден барем по еден литар. Јадам и многу јајца, а кога јадам месо, го јадам она што го имам“.
Неговата позиција е среден ред каде повеќе е задолжен за дефанзивни задачи. Признава дека не може секогаш да држи чекор со своите соиграчи, затоа што најмладиот во екипа е 50 години помлад од него.
„Играм повеќе со читање на играта, така што знам кога да почнам да трчам, кога да застанам и кога да спринтам. Иако следниот ден до два ме болат мускулите, куцам по малку, легнувам во топла када и по два дена повторно сум спремен за игра“.
Во Пролетер почна и во Пролетер планира да ја заврши кариерата. Но почетоците му се во еден друг Пролетер, оној од Зрењанин, реномиран клуб со кој во 70-те играл во втората лига на поранешна Југославија, а во 1978-ма успеал да го елиминира Хајдук во куп натпревар кој таа сезона бил првак.
Косниќ блескал на тој натпревар, па дури добил и понуда да заигра за славниот хрватски клуб. Но четири дена подоцна ја скршил ногата, повреда која смета дека му ја уништила кариерата на тогашни 25 години.
И покрај тоа што докторите го советувале да не игра повеќе никогаш, тој за помалку од една година направил кам бек и од тогаш не запира. Денес не е брз како порано, но е корисен.
„Кариерата ја почнав во пионерите на Пролетер во 1968-ма година, а веќе во 1972-ра играв за прв тим во време кога имаше голема конкуренција и кога клубот стекна проволигашки статус. Потоа преминав во Раднички, па во Борово. Следниот чекор ми беше враќање во Пролетер во време кога клубот повторно се бореше за првата југословенска лига“.
По тешката повреда никој не ни помислил дека ќе се врати на фудбалските терени, освен тој самиот. Почнал со тренинзи пролетта 1981-ва и одиграл 33 од можни 34 натпревари, а до 1985-та запишал 100 настапи за првиот тим на Пролетер.
Тој за себе вели дека има природна кондиција и издржливост. Само еден куриозитет. Син му прекинал со фудбал уште во младинскиот тим на Клек, а Коле игра за клубот од неговото село уште од 1999-та кога повторно се активирал Пролетер Меѓа.