Сторија за англискиот голман кој ги избави од проклетството пенали

Пред една година никој не знаел ништо за голманот Џордан Пикфорд кој се ашкал по позајмици во нисколигашите, потоа бранеше во испаднатиот Сандерленд а денес важи за најдобар англиски голман.

Малиот Џо, или како го викале другарите во детството, Пики, најсреќен бил кога бил сам. Не бил „пустински волк“ но како мал бил затворен и не сакал многу да зборува со луѓето. Мајка му Сју, економист по професија и татко му Ли, градежник, во своето време размислувале да го однесат малиот на психолог, но дедо му Бари не дозволил:

„На Џордан му треба некаква занимација, запишете го на спорт и да видите како ќе си го најде својот свет, а вас нема да ви треба психолози“, им рекол дедо му.

Важно е да се напомене и дека во кругот на семејството имало непријатности поради тоа што на времето се презивале Пигфорд (Pigford) па децата го исмевале. Исти проблеми во детството имал и татко му кој имал прекар „грдата свиња“.

Малиот Џордан сменил неколку школи и барал да го запишат со изменето презиме а откако станал полнолетен и официјално го сменил своето презиме.

Татко му Ли мечтаел да стане голман но се задоволил само на аматерско ниво. Своите амбиции ги оставил на син му.

***

Молчелив великан

На 8 години родителите го пратиле малиот Џордан во академијата на Сандерленд. Малиот и таму бил молчелив и тивок но од друга страна се радувал на својот брз развој и раст. Најмногу сакал да седи на голот а не постојано да трча по теренот:

„Кога ти гледаш на растот на 8-годишно дете, сфаќаш дека е атлетски градено и брзо но не баш сите имаат правилен развој. Џордан ги имаше сите карактеристики“, се сеќава првиот тренер на Пики.

Џордан брзо ги освоил тренерите и му било мерак да брани. Во слободно време Пикфорд-помалиот му ги бранел шутевите на постариот брат Ричард.

Во животот на голманите не оди баш се глатко и лесно. На 16 години Џо направил кардинална грешка која што го чинела тимот на Сандерленд U-21 испаѓање од младинска лига.

Паднал во депресија од која го извлекла девојка му Меган Дејвисон која е две години помлада од него. Тие двајца учеле заедно во католичкото школо „Свети Роберт“ во Вашингтон, место на југо-истокот од Англија.

Во прво време само се дружеле, а во критичните денови по грешката на голот, Џо ја викнал да излезат и постепено се вљубиле.

Пики растел од натпревар во натпревар а Меган се гордеела на неговите успеси. И наскоро Џордан го добил првиот повик за репрезентацијата на Англија до 16 години. Парот поминал низ се заедно, па не случајно Меган беше една од најгласните навивачи на Англија на Светското првенство во Русија летово.

***

Во 2011 година Пикфорд го потпишал првиот професионален договор со „црните мачки“ но конкуренција му биле веќе докажаните Симон Мињоле и Кејран Вествуд, па главниот тренер Мартин О’Нил не му пружил шанса.

Тогаш Џо разговарал со тренерот на младинците Марк Прудо а овој му кажал дека најмногу што може да направи е клубот да го прати на позајмица за повеќе да брани. Прудо му се јавил на поранешниот соиграч Крег Лидл и прашал дали им треба голман.

Малиот Пики го пратиле на позајмица во Дарлингтон и тоа за него било чудно затоа што од втората лига (Чемпионшип) наеднаш се нашол во Конференција (петта лига во англискиот фудбал).

Играл меѓу луѓе на кои фудбалот им е хоби а после натпреварите пијат пиво. Тоа му паѓало тешко, а особено се нервирал што локалците се потсмевале со неговата детска физионимија. Но тоа го направило посилен. Со оглед на тоа што одбрана во Дарлингтон практично и да немало, Пикфорд во просек примал по 3-4 гола по натпревар. Екипата испаднала и од аматерската лига и скоро клубот згаснал.

Џордан тогаш не се разочарал и одново му се јавил на тренерот на младинците Марко Прудо „да ја отвори контактната тетратка“ и да му најде ангажман. Прудо не чекал многу и му договорил позајмица во друга селска екипа од Конференцијата - Олфертон Таун. 

Позајмицата од еден месец за кратко време ја преиначиле во шест-месечна затоа што првиот голман Фил Барнс се повредил, а малиот Џордан имал пет натпревари без примен гол од 12 одиграни.

Подоцна Сандерленд го праќал на калење и во Бартон Албион и Карлајл Јунајтед кои играат во Лига 2 (четврта дивизија во хиерархијата). Стандардно бранел и тоа го направило подобар голман. Во својата биографија Пики има запишано и настапи во Бредфорд и во Престон чиј тренер бил Сајмон Грејсон кој се борел до крај за продолжување на позајмицата на Џордан.

Но веќе било доџна затоа што Сандерленд на крај се сетил на своето дете. Новиот тренер Густаво Поет го вратил Пикфорд во екипата но шанса му давал на искусниот Вито Маноне.

Но на еден натпревар против Евертон, Италијанецот се повредил и на следниот дуел против Тотенхем на голот на Сандерленд застанал Пикфорд. Дебито во Премиер лигата му било тешко затоа што момчето кое пет години ја чекало својата шанса, примило четири гола и до крајот од сезоната останал на клупата за резерви.

Се се сменило кога тренер на “црните мачки“ станал Дејвид Мојс. На поранешниот стратег на Манчестер Јунајтед и Реал Сосиедад не му се допаднал стилот на бранење на Вито Маноне и му дал шанса на Пики. Екипата која грчевито се бореше за опстанок не победи 10 кола во сезоната но Мојс не го сменил детето на клубот.

Дошол и најважниот ден за Мојс и за Пикфорд - дуел против Манчестер Јунајтед. Новинарите пишувале дека тимот од „Олд Трафорд“ е заинтересиран за Џордан а потсеќале и на очајната епизода на Мојс во Манчестер кога го наследи Алекс Фергусон.

На тој дуел Пикфорд примил три гола и се повредил, но за неговите одбрани во текот на сезоната зборувала цела Англија. Иако Сандерленд испадна, Пикфорд имаше сјајна сезона после што Евертон за него понудил 28,5 милиони евра.

Џо за понудата дознал додека бил на Европското У-17 во Полска каде бранел неверојатно и го свртел вниманието на англискиот селектор Гарет Саутгејт. Пикфорд на тоа јуниорско првенство стигнал до полуфиналето со Англија и таму изгубиле на пенали од Германија.

Евертон минатата сезона пазареше како да ќе се бори за место во Лига на шампионите. Тренерот Сем Алардајс цел живот ги спасувал аутсајдерите, но за медали и трофеи читал само во весниците.

Клубот од Ливерпул ги купи Вејн Руни, Гилфи Сигурдсон и Деви Класен, но тоа не му помогна за место во Европа. Голманот со детско лице го истисна Мартен Стекеленбург од голот, доби покана да брани за англиската репрезентација пред искусните Џо Харт, Ник Поуп, Фрејзер Фостер и Џек Батланд.

ЈА ИЗБАВИ АНГЛИЈА ОД ПРОКЛЕТСВОТО

Во земјата во која играчите на сопствената репрезентација ги нарекуваат “импотентни фудбалери“, малку кој бил оптимист пред Светското во Русија.

Во првиот меч „Трите лавови“ едвај го победија Тунис 2-1 со гол во 90 и некоја минута, ја згромија дебитантската Панама со 6-1 и на крајот од групна фаза изгубија од Белгија.

Тогаш со растот на Џордан Пикфорд се потсмевал и Тибо Куртоа: „Нивниот голман е 10 сантиметри понизок од мене, јас лично би го одбранил тој удар (за голот). Тој беше презафатен со шутот“.

Пики во одговор само премолчил како некогаш и покажал дека не реагира на критика.

Следуваше тешкиот меч против Клумбија кога на 10 секунди пред крајот на второто продолжение голманот на Англичаните неверојатно му одбрани на Урибе. Пред пенал серијата на Пикфорд му се приближил тренерот на голманите Мартин Марџетсон, му покажал запис со тоа каде шутираат Колумбијците.

„Изучивме како изведуваат пенали. Единствен кој никогаш не можеш да го провалиш е Фалкао“, рекол Пикфорд после мечот.

Пикфорд одбрани неколку удари од белата точка меѓу кои и оној на Карлос Бака. Англичаните победија на пенали првпат од далечната 1996 година и конечно заврши нивното проклетство порази на најголемите натпреварувања на пенали.Пикфорд го гушкаше целата репрезентација а најмногу селекторот Саутгејт кој од почеток веруваше во него. Херојот на мечот се стрча кон трибините каде го чекаше девојка му Меган, исто онака како додека бранел за анонимниот селски Дарлингтон на времето.

Англија последен пат стигна до полуфинале на Светско првенство во 1990 година а Мундијалот го освоила само еднаш - во 1966 година. Во Русија Џордан Пикфорд беше најзаслужен за нивниот подвиг до полуфиналето. Благодарение на неговите врвни одбрани, Пикфорд е избран во тимот на Светското.