Срце планина на Гатузо - ја изгуби сестра му пред неколку дена, па инспиративно освои Куп

Легендарниот Џенаро Иван Гатузо го освои првиот трофеј во тренерската кариера. Неговата страст од играчките денови кога гризеше како куче на терен ја префрла и денес на играчите па Де Лаурентис сака да освојат ЛШ.

Италијанскиот фудбал продолжи со Купот. За една недела се одиграа реваншите од полуфиналето кога Јувентус со 0-0 се пласираше во финалето по 1-1 во Милано, а Наполи го елиминираше Интер (0-1, 1-1).

Во финалето гледавме супер меч со многу шанси на двете страни, па главни јунаци станаа голманите Мерет и Буфон.

Џиџи покажа дека и на 42 години може да запише 7 чисти одбани од натпревар па дури и да спаси чист гол во судиското продолжение кога му фати еден шут со глава на Кулибали па ја цивна топката по обидот на Елмас од пред гол линија:

На голот на Наполи беше најталентираниот италијански голман Алекс Мерет. 23-годишниот голман важи за еден од најперспективните во Европа иако кај Гатузо пред паузата седеше на клупа.

Џенаро го ставаше на гол искусниот Давид Оспина поради добра игра со нозе, но Колумбиецот го пропушти финалето поради жолт картон против Интер па Мерет доби шанса.

Алекс неколку пати чудесно интервенираше во првиот дел а после се прослави во серијата пенали.

Јувентус ужасно го почна пенал-рулетот. Дибала распали со сета сила но Мерет се го процени и му одбрани. Данило беше следен и бековски распали над голот, а Наполи до крај ги реализираше сите пенали и заслужено славеше 4:2.

ПРВ ТРЕНЕРСКИ ТРОФЕЈ ЗА ГАТУЗО

Ова финале на Купот на Италија беше посебно за Џенарино кој во кариерата ги водеше Пиза и Милан пред да седне на клупата на Наполи каде го замени Карло Анчелоти.

Симболично Гатузо го победи тренерот кој долго време со голем успех го водеше Наполи. Сега поранешниот клуб на Сари му го усложни животот затоа што изгуби уште едно финале (претходно СуперКуп на Италија во декември лани од Лацио), па притисокот му е уште поголем.

А најјаките моменти Гатузо ги имаше после мечот кога славеше со играчите.

Прво страстно сите ги испогушка а после ги собра во круг и пар минути држеше говор пред сите. Тука беше и претседателот Аурелио Де Лаурентис. Интересно кога Гатузо дојде во Наполи, во клубот гореше војна меѓу играчите и управата. Многу фудбалери беа пред отказ зошто се замерија со Де Лаурентис но се чини дека Гатузо ги смирил страстите.

До толку ги смирил што играчите во еден момент го креваа триумфално Де Лаурентис на раце:

Уште не е познато што им зборел Гатузо на играчите кога ги собра во круг, иако италијанските медиуми пишуваат дека зборувал за страст, за жар, за гнев и тоа било толку моќен говор што Де Лаурентис подоцна изјавил дека сака да освојат Лига на шампиони годинава.

За Гатузо ова беше многу емотивна ноќ затоа што тој победата ја посвети на 37-годишната сестра Франческа Гатузо која што починала после долго боледување на почетокот на јуни.

„Животот и особено фудбалот ми дадоа повеќе отколку што јас им дадов. Тие ме направија тој што сум: христијанин, маж. Многу сум му должен на фудбалот и затоа имам огромна страст кон него. Не можам да бидам слаб, секогаш морам да се трудам најмногу.

Треба да се сфати дека да се биде во фудбалот е голема чест. Треба да се уважува тоа што го правиш. Затоа се гневам кога не гледам страст. Не жалам за ништо во својат акариера и сакам фудбалерите исто така да зборат кога ќе завршат. Верувам во Богот на фудбалот. Кога правиш се исправно, тогаш жнееш резултати од својата работа“, рече Гатузо после мечот.

18 јуни 2020 - 10:16