Стефан Ристовски ги одигра сите 90 минути во осминафиналниот меч од португалскиот Куп, на кој Спортинг без проблеми го совлада нисколигашот Вилаверденсе со 4:0.
Најдобар поединец на мечот беше Сејду Думбија кој постигна хет-трик. Инаку напаѓачот од Брегот на Слоновата Коска е член на Рома каде се пресели од ЦСКА Москва во 2015-та за сума од 14 милиони фунти. За него ова е позајмица број 4 во Спортинг. Претходно Римјаните го позајмуваа назад во Москва, во Њукасл па во Базел.
Рики му го намести третиот гол, оној во 74-та минута кога влета по неговата десна страна и му ја даде на тацна.
Doumbia’s 3rd goal 💪💚 pic.twitter.com/VjD1vaRQkc
— Sporting Updates UK (@SCPUpdatesEN) December 13, 2017
Бекот на македонската репрезентација годинава ја подигна формата и очигледно треба да добива повеќе шанси и во португалското првенство, каде остана на оној еден настап против Брага на 5 ноември.
Ова му е трет настап во Купот на Португалија, додека во Лига на шампиони сезонава одигра на четири средби. На дуелите против Олимпијакос влезе од клупата за резерви, а стартер беше против Јувентус и Барселона.
За издвојување е неговата извонредна партија против Јувентус кога не му даде да писне на Манџукиќ, а навивачите на Спортинг беа воодушевени од неговиот настап.
Спортинг во силната конкуренција со Барса и Јуве не успеа да се избори за пласман во нокаут фазата во ЛШ, но затоа како третопласиран пред Олимпијакос, настапите ги продолжува во Лига Европа каде за противник ја доби Астана од Казахстан.
Хајлатс од мечот